Веќе подолго време ја вршите работата без поголеми грешки, роковите не ви бегаат, а името сè почесто се спомнува на состаноци на кои формално и не би требало да бидете тема.
И почнувате да си го поставувате прашањето дали ова е тоа, дали нешто „се крчка“ зад затворени врати.
Унапредувањата ретко доаѓаат со свечена најава. Почесто се најавуваат тивко, преку мали, но упорни сигнали што лесно може да се промашат ако не внимавате.
Еден од првите знаци е кога од вас почнуваат да бараат мислење, не само извршување.
Не повеќе „направи го ова“, туку „што мислиш ти“, „како би го решил ова“, „ајде фрли поглед и кажи“.
Тоа е момент кога ве гледаат како некој што размислува пошироко од сопственото работно место.
Како што вели еден HR консултант со кој разговаравме, „кога некој ќе почне да ве вклучува во одлуки, а не само во задачи, тоа значи дека ве тестира за поголема улога“.
Паралелно со тоа, обемот на одговорности полека расте. Не драматично, не со фанфари, туку тивко – уште еден проект, уште една личност што треба да ја координирате, уште една ситуација што „итно“ треба вие да ја средите.
Ако не ве прашале дали можете, туку претпоставиле дека можете, тоа не е случајно. Некој таму горе веќе пресметал дека сте подготвени за повеќе. Или барем сака да види дали ќе издржите.
Интересно е и кога вашиот шеф почнува поинаку да комуницира со вас. Повеќе директно, повеќе отворено, понекогаш дури и со информации што порано не сте ги знаеле.
„Ако ви ги покажуваат и добрите и лошите страни на бизнисот, ве гледаат како дел од идното решение“, вели соговорник од корпоративниот сектор. Не секој треба да знае сè. Само тие на кои се смета.
Друг сигнал што често се игнорира е кога почнуваат да ве споредуваат со луѓе што веќе се на повисоки позиции.
„Ти реши го ова како раководител“, „ова е пристап што го очекуваме од сениор“. Звучи како обична пофалба, ама не е. Тоа е вербално позиционирање, мало поместување во перцепцијата. Денес збор, утре одлука. Или барем разговор што ќе почне со „размислувавме за тебе…“.
Има и поедноставни, приземни знаци. Кога ве прашуваат дали планирате да останете во компанијата, дали сте задоволни, каде се гледате понатаму. Тоа не се филозофски муабети за кафе пауза. Тоа се прашања што се поставуваат кога некој сака да вложи во вас, ама прво да биде сигурен дека нема да си заминете веднаш штом добиете повеќе одговорност. Или плата. Или и двете.
Секако, ништо од ова не е гаранција. Понекогаш компаниите тестираат, па се повлекуваат. Понекогаш ветувањата остануваат во воздухот. И тоа треба јасно да се каже. Ако сигналите траат со месеци, а разговорот за унапредување никако да се случи, тогаш не станува збор за стратегија, туку за одолговлекување.
„Знаците мора да завршат со конкретен чекор. Во спротивно, работникот само се троши“, предупредува нашиот соговорник.
Но кога повеќе вакви ситни моменти ќе се поклопат – довербата, одговорностите, поинаквиот однос – обично не е случајно.
Некој веќе ве гледа чекор погоре, само сè уште не го кажал тоа гласно. А понекогаш, токму тоа чекање, таа тишина пред веста, е најгласниот знак дека нешто ќе се промени. Или барем дека е на маса. А од таму… знаете како оди.
Б.З.М.



