Повеќето Европејци сметаат дека државните пензиски системи во нивните земји наскоро ќе станат неодржливи. Истовремено, тие веруваат дека сегашните шеми не се доволно дарежливи, но не ја поддржуваат идејата за нивно ревидирање преку мерки како што е зголемување на возраста за пензионирање, објавува британскиот весник „Guardian“, повикувајќи се на анкета на „YouGov“ спроведена во шест европски земји.
Со стареењето на населението и падот на наталитетот, европските државни пензиски системи – камен-темелници на социјалната држава кои се потпираат на активните работници за исплата на пензиите – се под сè поголем притисок.
Обидите за реформи, сепак, наидуваат на жесток отпор, а податоците укажуваат на сериозен јаз меѓу потребата од промени и расположението на јавноста со кое се соочуваат владите.
Голем дел од граѓаните признаваат дека пензиските системи веќе се во криза. Мнозинство испитаници – од 52% до 61% – во Италија, Франција, Германија и Шпанија сметаат дека нивните пензиски системи веќе се неодржливи. Истото мислење го делат и 45% од анкетираните во Полска и 32% во Велика Британија.
Песимизмот е уште поизразен кога станува збор за иднината. Во сите шест земји, меѓу 49% и 66% од испитаниците веруваат дека кога денешните генерации во своите 30-ти и 40-ти години ќе се пензионираат, системот нема да може да им обезбеди пензии.
Пензионерите, пак, се пооптимистички настроени. Во Велика Британија, 62% од пензионерите сметаат дека државниот пензиски систем е прифатлив, во споредба со само 27% од лицата кои сè уште не се пензионирани.
И покрај признавањето на кршливоста на системот, мнозинството испитаници – од 53% до 83% – во сите земји веруваат дека износот на пензиите е премногу низок. Овој став е уште поизразен кај самите пензионери, каде што процентот се движи меѓу 72% и 88%.
Повеќето европски пензионери во голема мера зависат од државните пензии. Во сите шест земји, мнозинството работоспособни лица – од 57% во Германија и Велика Британија до 72% во Италија – не се уверени дека ќе можат да си обезбедат комфорна пензија.
На прашањето кои мерки би ги поддржале за да се зголеми одржливоста на пензиските системи, испитаниците покажуваат јасна неподготвеност да прифатат дел од реформите што владите се обидуваат да ги наметнат.
Анкетата открива силно противење на зголемувањето на возраста за пензионирање, зголемувањето на даноците за работоспособното население, обврзувањето на децата да ги издржуваат своите пензионирани родители, како и на намалувањето на износот на државните пензии.
Противењето на зголемувањето на возраста за пензионирање се движи од 47% во Франција до 65% во Германија.
Во Велика Британија, 20% од испитаниците сметаат дека возраста за државна пензија треба да биде 60 години, додека во Полска тој процент изнесува 38%. Истовремено, меѓу 22% во Италија и 45% во Велика Британија сметаат дека пензионирањето треба да биде на 65 години. Во Франција, најголем дел од испитаниците – 22% – ја посочуваат возраста од 62 години.
Отпорот кон намалување на пензиите е уште посилен – од 61% во Италија до дури 81% во Германија.
Сепак, постои одредена поддршка за воведување законска обврска за уплата во приватни или професионални пензиски фондови. Овој предлог е најприфатен во Велика Британија (57%), која веќе воведе автоматско вклучување во пензиските шеми на работните места. Значајна поддршка има и во Германија (49%) и Франција (41%).
Идејата државата да им помогне на постарите работници да останат подолго на пазарот на трудот, наместо да се пензионираат, исто така има поддржувачи – од 57% во Полска, преку 42% во Германија и Франција, до 27% во Италија.
Најголема поддршка за зголемување на товарот врз најбогатите има во Италија, каде што 66% се залагаат за повисоки даноци за побогатите пензионери со цел подобрување на пензиите на најсиромашните. Вкупно, 52% од испитаниците поддржуваат идеја државните пензии да не се исплаќаат на пензионери со високи приходи.
Во сите шест земји, повеќе луѓе – од 28% до 55% – сметаат дека пензионерите со надпросечни примања треба да понесат поголем дел од товарот за финансирање на подарежливи пензии за оние со пониски приходи, отколку помладите генерации (од 15% до 31%).
Севкупно, ставовите на пензионерите и лицата на работоспособна возраст во голема мера ги одразуваат нивните лични интереси: пензионерите најчесто се против намалување на пензиите, додека работоспособните граѓани се спротивставуваат на зголемување на возраста за пензионирање и на повисоки даноци за нивната група.



