Дали воопшто вреди да се слави Нова година ако на крај месецот ќе ја чувствуваш празнината во паричникот повеќе од празничната магија?
Сè повеќе луѓе си го поставуваат тоа прашање, а одговорите, барем според она што го слушаме по маркетите, фризерниците и меѓу редовите пред месарниците, не звучат многу весело.
Една жена во маркет, со две намирници во рака, тивко рече: „Абе не ми се слави… само трошок е. Ќе седам дома, ќе гледам телевизија, ич не ми се даваат пари“.
Ако се направи груба пресметка, без математички егзибиции: едно обично славење дома, без некој специјален раскалашен луксуз, оди на 3.000 до 7.000 денари. Тука се пијалаците, некоја поубава салата, месо, нешто благо, евентуално украс што ќе го купиш во последен момент затоа што на масата „нешто недостига“.
Ако се излезе во кафеана или ресторан, цената лесно се качува до 50-80 евра по човек, зависи од локацијата и од тоа колку си расположен.
А ако планираш патување? Е, таму веќе нема ни што да се анализира. Или имаш буџет или немаш. Без средина.
Спротивно на тоа, ако решиш да ја „игнорираш“ Новата година, да не фрлаш пари за ништо од ова – во џеб остануваат најмалку неколку илјади денари.
Психологот Сања Љубеновиќ вели:
„Не се работи само за финансиската пресметка, туку и за притисокот кој луѓето го чувствуваат. Имаме чувство дека мора да славиме. Ако не славиш, како да си направил грев кон традицијата. А вистината е дека никој не ти пишува казна ако решиш да си одмориш дома без трошоци“.
И тука можеби има поента, празниците одамна престанаа да бидат мир и почивка, туку станале уште една обврска на листата.
„Луѓето слават на кредит. А после 10 јануари почнуваат да се будат“, коментираат економистите и додаваат дека штедењето при целосно прескокнување на славата може да значи 5-10% повеќе простор во семејниот буџет за првите недели од јануари, што за некои домаќинства е вистинска разлика меѓу релаксиран старт на годината и почеток со минус.
Но тоа не значи дека секој што не слави автоматски победува. Некоја домашна тишина знае да „чини“ психолошки. Недостига топлина. Недостига она „ајде да се собереме“. И баш тука се крши математиката.
Можеш да заштедиш 3.000, 5.000, 8.000 денари… а сепак да чувствуваш дека ти недостига нешто што не се мери во банкноти. Или обратно – можеш да „инвестираш“ во славење и да те касне после. Секој ја знае својата сметка, секое семејство си ја мери празната чинија различно.
Затоа, одговорот не е категоричен. Да, поисплатливо е финансиски ако целосно ја игнорираш Новата година. Да, бројките се јасни. Но животот не е табела.
Некогаш ќе одлучиш да заштедиш, некогаш ќе го стегнеш заби и ќе кажеш: „Нека иде, барем еднаш годишно“.
А некогаш ќе дојде момент кога ќе речеш: доста е, не славам.
Како и да се пресече, одлуката оваа година изгледа помалку празнично, повеќе практично.
Б.З.М.



