Во секоја фирма постои барем еден вработен кој тивко си го поставува истото прашање: „Дали шефот ме има на пик?“
Ретко кој менаџер отворено ќе каже дека не му се допаѓа некој од тимот, но однесувањето често зборува погласно од зборовите.
Токму во тие мали, наизглед небитни ситуации се кријат сигналите што луѓето најчесто ги игнорираат, сè додека не стане предоцна.
Еден од првите знаци е чувството дека сте „прескокнати“. Не станува збор за голема драма, туку за секојдневни ситници: не сте поканети на состанок на кој реално имате што да кажете, информациите до вас доаѓаат последни, или пак дознавате нешто важно од колега, а не од претпоставениот.
„Кога некој намерно ве остава надвор од комуникацијата, тоа е јасен сигнал дека не ве смета за дел од кругот на доверба“, вели консултант за човечки ресурси со кого разговаравме.
И додава дека ваквото однесување речиси никогаш не е случајно.
Друг аларм е постојаната, селективна критика. Не онаа конструктивна, која помага да се напредува, туку критика што секогаш ве погодува вас, дури и кога грешката е колективна.
Во такви ситуации, пофалбите мистериозно исчезнуваат. Вашиот труд станува невидлив, а секој пропуст – зголемен под лупа.
„Шеф кој не ве сака ретко ќе ве пофали јавно, а често ќе ве коригира пред други“, објаснува психолог специјализиран за организациско однесување.
Тоа, вели, е начин да се воспостави дистанца и да се испрати порака без директна конфронтација.
Потоа доаѓа игнорирањето, можеби најтивката, но и најтешката форма на непријатност.
Праќате мејл, одговор нема. Прашувате нешто на состанок, добивате кратко „ќе видиме“, па разговорот оди понатаму.
Некои вработени ова го оправдуваат со зафатеност, но кога моделот се повторува, чувството дека зборувате во празно станува сè појасно. И тука некаде почнува онаа непријатна тишина, кога човек ќе се запраша дали проблемот е во него или…
Задачите што ви се доделуваат исто така можат многу да кажат. Ако постојано добивате работа под вашето ниво на искуство или, обратно, задачи без јасни насоки, кои однапред се осудени на неуспех, тоа ретко е случајност.
„Маргинализацијата често се прави преку работа“, велат експертите.
Не ве отпуштаат, но ве ставаат во позиција сами да се преиспитувате и да се трошите.
Интересно е што понекогаш шефот не покажува отворена нетрпеливост, туку ладна рамнодушност. Нема конфликт, нема повишен тон, но нема ни интерес за вашиот развој, идеи или напредок.
Разговорите се кратки, формални, без она човечко „како си“. И токму тоа, според многумина, е најјасниот знак дека некој ве гледа како привремено решение, а не како долгорочен дел од тимот.
Секако, не секој лош ден или напната ситуација значи дека шефот не ве сака. Но кога повеќе вакви сигнали се повторуваат, кога чувството не ве напушта со недели, па и месеци, тогаш вреди да се застане и да се размисли.
Некои избираат отворен разговор, други тивко бараат нова можност. Што и да одлучите, едно е сигурно: работната средина во која постојано се чувствувате непожелно… тешко дека е место каде некој може да даде најдобро од себе.
Б.З.М.



