ПочетнаЕКОНОМИЈАДочек без раскош - маркетите полни со луѓе, но без шопинг-треска

Дочек без раскош – маркетите полни со луѓе, но без шопинг-треска

Годинава празниците како да не дојдоа. Нема онаа типична еуфорија, нема вообичаени гужви низ кафани и ресторани, а многумина признаваат дека едноставно – не им држи џебот.

Цените скокнаа, сметките дојдоа „потешки“, па сè повеќе луѓе се откажуваат од традиционалната новогодишна журка и решаваат да ја пречекаат ноќта дома, во кругот на семејството, со тоа што ќе успеат да си го дозволат. Најчесто скромно.

„Да излезам надвор? Со какви пари? Четворица сме дома, само за вечера и пијалак во кафана ќе ми треба плата. Ќе си седиме дома, ќе ставиме нешто на маса и толку“, вели еден скопјанец што го затекнавме во маркет во Аеродром, кратко, со кеса само со најпотребното.

Моловите не се празни, ама и не се полни како што знаеме. Шетаат луѓе, гледаат излози, мерат дали нешто им треба или само ќе си заминат без да купат ништо.

Продавачите неофицијално признаваат дека годинава „не мрда продажбата“, дека ретко кој повеќе зема нешто освен мали подароци за деца или основни артикли за дома.

„Ја нема таа треска од лани. Сите прашуваат за попусти, а кога ќе чујат цена – се предомислуваат. Не е дека не сакаат, туку немаат со што да купат“, ни рече продавачка од еден трговски центар во Карпош.

Впрочем, и додека зборуваше, неколкумина се свртеа, видоа, па си продолжија.

На пазарите и во маркетите, граѓаните најмногу се интересираат за основни намирници – масло, месо, јајца, сарми да се виткаат, малку сирење, нешто за салата… Повеќе ништо луксузно. Цените се качени, и тоа не малку.

„Лани со 2.000 денари правевме убаво мени за Нова година. Сега? Едвај за салата и мезе. Инфлацијава ги јаде празниците, да не речам ги јаде луѓето“, ни вели пензионерка од Тафталиџе, која не сакаше да ѝ се објави името. „Ќе биде добро, така си велиме. Ама во стомак кога ќе чукне гладот… и други работи ти текнуваат“.

И кафеаните, оние што порано се резервираа со недели однапред, годинава нудат слободни места до последен момент. Не затоа што не се трудат, туку затоа што малкумина се подготвени да платат по 60, 70 или 100 евра по човек.

„Не е проблемот во музиката или во атмосферaта. Проблемот е што луѓето немаат пари да уживаат. И доаѓаат, прашуваат, се распрашуваат… па си заминуваат. Нема што да ги лажеме едни со други“, вели угостител од Дебар Маало, кој додава дека никогаш не видел вакво празнично „снижение на духот“.

Празниците, барем во спомените, секогаш требаше да се време на раскош, на „ајде да се почастиме“, време кога се заборава на проблемите за еден ден.

Сега, повеќето напротив: свесни се, пресметуваат, скратуваат. Некои велат и дека не сакаат да се прават „важни“ кога вистината стои на сметките и во паричницата. И да, некои реченици завршуваат вака… со тивко воздивнување, без точка, како што завршува и оваа година.

И така, додека календарот оди напред, новогодишната ноќ ќе ја дочекаме помеѓу тост со минерална вода и надеж дека следната ќе биде малку поподнослива.

Не мора да биде блескава, доволно е да не боли на каса. Можеби е тоа најискрената желба оваа година.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП