На Германија моментално ѝ недостасуваат најмалку 120.000 возачи на камиони, а многу транспортни компании сè повеќе ги откажуваат испораките затоа што немаат доволно возачи, изјави за медиумите Дирк Енгелхарт, портпарол на Сојузното здружение за патен транспорт.
Според него, секоја година се пензионираат помеѓу 30 и 35.000 возачи на камиони, а само 15 до 20.000 нови се појавуваат како замена, објавува „Шпигел“.
Многу превозници повеќе не учествуваат на тендери затоа што приходите од очекуваниот транспорт на стоки не би ги покриле трошоците, кои, како што објаснува Енгелхарт, се зголемиле над просекот поради недостатокот на возачи.
Овој феномен веќе има видливи последици, па празните полици што често се гледаат во продавниците не се само резултат на неможноста на синџирот супермаркети и добавувачите да се договорат за цена, туку и на недостатокот на возачи на камиони што ја транспортираат стоката.
Во Германија, 80 проценти од стоката се транспортира по пат, според „Шпигел“.
Здружението на патни превозници не очекува оваа криза да биде ублажена со таканаречени автономни возила кои се движат со помош на сензори, камери и вештачка интелигенција, без возач зад воланот.
Возачите на камиони веројатно ќе останат незаменливи бидејќи тие истовремено се во улога на придружник и чувар на стоката што им е доверена, пишува весникот.
„Тие се одговорни за предавање на товарот на примачот, како и за неговиот безбеден транспорт“, рече Енгелхарт, така што во догледна иднина возачите на камиони ќе останат единственото решение во случај на непредвидена ситуација.



