Пазарите на нафта се барометар за геополитичките случувања, но овој пат различен фактор влијае на цените, пишува колумнистот на „Reuters“, Рон Бусо, во коментар.
Тој забележува дека трговците не обрнуваат очекувано внимание на вести како што е блокадата на танкерите кон и од Венецуела, што само накратко ја зголеми цената на нафтата за околу 2%. Но, само неколку часа подоцна, во утринските часови на 19-ти декември, европската сорта „Брент“ повторно е под 60 долари за барел.
Причината е што тргувањето е под влијание на податоците за зголемената понуда, а инвеститорите сè повеќе ги земаат предвид танкерите за нафта што чекаат на отворените води за своите купувачи. Според аналитичарите, сега има повеќе од 1,3 милијарди барели, од кои 155 милиони барели се руска нафта, која се акумулира околу брегот на Азија.
Нивото на нафта на море ги надмина нивоата забележани од август 2020-та година, кога пандемијата на коронавирус ја уништи потрошувачката на гориво. Просечната брзина на танкерите што носат залихи исто така се забави, од 10,3 јазли во ноември на 10 јазли во декември, што го означува најбавното темпо на превоз од крајот на 2017-та година.
„Reuters“ забележува дека танкерите за нафта нема да останат на отворено море засекогаш – тие веројатно ќе најдат купувачи во одреден момент, дури и под санкции, со големи попусти.
Мирот во Украина повеќе ќе влијае на пазарите на дизел отколку на нафтата, предвидува Рон Бусо. Причината се беспилотните летала со долг дострел што ги напаѓаат руските рафинерии, намалувајќи го извозот на дизел за 10% до 2025-та година.
Во исто време, Русија генерално го одржува извозот на нафта на ниво од околу 3,5 милиони барели дневно од 2022-ра година. Западните санкции се фокусираа на начини за ограничување на приходите, а не на обемот, бидејќи постојат загрижености дека излегувањето на руската нафта би можело да ги сруши пазарите.



