ПочетнаЕКОНОМИЈАВажни совети за сите сопственици на мали бизниси

Важни совети за сите сопственици на мали бизниси

Кога водите мал бизнис, денот ретко почнува онака како што сте го замислиле. Се будите со план, со список во глава, со јасна намера што прво, што второ… и веќе до 10 сабајле некој ви ѕвони, некој бара „само уште пет минути“, некој ви праќа порака што не може да чека, а на крајот од денот имате чувство дека сте работеле цел ден, а ништо суштинско не сте завршиле.

Тоа е реалноста на малите бизниси, и нема потреба да глумиме дека е поинаку.

Продуктивноста на сопственикот, сакаме или не, директно се пресликува врз продуктивноста на целата фирма.

Ако вие сте расфрлани, ќе биде расфрлано сè. Ако вие доцните, ќе доцни и работата. Ако вие постојано „гасите пожари“, а не планирате, истото ќе го прават и луѓето околу вас.

Еден скопски претприемач, кој води семеен бизнис со десетина вработени, во разговор вели дека најголемата заблуда му била дека мора да биде достапен за сите во секој момент.

„Мислев дека ако не кренам телефон, ако не одговорам веднаш, ќе пропадне нешто. Испадна дека пропаѓав јас, од умор“, вели тој.

Една од клучните грешки што ги прават сопствениците на мали бизниси е мешањето на итното со важноста. Сè изгледа итно, сè е за „одма“, а малку работи се навистина важни.

Искусните менаџери ќе ви кажат дека денот треба да се „заклучи“ уште сабајле – барем еден или два часа без состаноци, без јавувања, без пораки.

Време кога ќе се фокусирате на работите што носат резултат, а не само на тие што прават бука. Тоа звучи убаво на хартија, но во пракса бара дисциплина. А дисциплината, за жал, не се купува…

Друг чест проблем е желбата сè да се контролира. Малиот бизнис често почнува како „one-man show“ и тешко се пушта таа навика.

Но, во еден момент, сопственикот станува тесно грло.

„Сфатив дека ако јас морам да одобрам секоја ситница, тогаш јас сум проблемот“, признава сопственик на мала трговска фирма.

Делегирањето не значи губење контрола, туку добивање време, а времето е единствената работа што навистина не можете да ја зголемите.

Има и уште нешто за кое ретко се зборува: заморот. Не физичкиот, туку менталниот.

Кога секој ден носите одлуки, мали и големи, мозокот се троши. Тогаш почнувате да одложувате, да се фаќате за небитни работи, да „врткате“ околу истото.

Некои бизнисмени си воведуваат рутини што звучат банално – исто време за проверка на мејлови, исто време за состаноци, дури и исто време за пауза. Но токму тие ситници прават разлика.

Како што вели еден консултант за организација на работа:

„Продуктивноста не е во тоа колку работиш, туку колку малку глупости успеваш да исфрлиш од денот“.

Не помалку важно е и прифаќањето дека не мора секој ден да биде совршен. Има денови кога ништо не оди, кога планот паѓа во вода уште пред ручек, кога едноставно… не оди.

Тоа не значи дека сте лош претприемач. Значи дека сте човек. Клучот е да не дозволите тие денови да станат правило.

На крајот на краиштата, продуктивноста кај малите бизниси не е прашање на апликации, табли и сложени системи. Таа е прашање на јасни приоритети, храброст да кажете „не“ и спремност да признаете дека не мора сè да биде на ваши грб.

А ако понекогаш денот заврши со чувство дека нешто останало недовршено… па, тоа е дел од приказната.

Утре е нов ден. Или барем нов обид.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП