Седејќи во својата вила покрај езеро во швајцарскиот град Луцерн, Боргер Боргенхауг со носталгија размислува за своите внуци и за мирисот на Северното Море во јасна летна ноќ.
Претприемачот кој стана тајкун во секторот за недвижности вели дека тоа е цената што ја плаќа за да го избегне високиот данок на богатство во Норвешка — годишен данок што ги оттурна стотици милионери да се преселат во странство, но во исто време помогна да се одржи едно од најрамноправните општества во светот.
„Политичката клима во Норвешка станува сè понепријателска кон сопствениците на бизниси“, изјави Боргенхауг за „Reuters“, кој ја напушти земјата во 2022-ра година.
Со данок на богатство што постои уште од 1892-ра година и култура на транспарентност која им овозможува на граѓаните да ги видат даночните пријави едни на други, Норвешка има повеќе искуство од повеќето земји кога станува збор за оданочување на богатите. Нејзиниот модел нуди важни лекции за државите што размислуваат за слични мерки — од Велика Британија до Франција и Италија, па дури и за градови како Њујорк.
Заклучокот е јасен: данокот на богатство ќе одврати дел од милионерите, но доколку е доволно широко поставен, приходите сепак може да се покажат како исплатливи.
Одлив на богатство
Данокот на богатство беше едно од клучните прашања на парламентарните избори во септември во Норвешка, на кои Лабуристичката партија се врати на власт. Таа го зголеми данокот и ги заостри правилата за иселување за време на својот претходен мандат.
Поединците плаќаат 1% од својата нето-вредност помеѓу 1,76 и 20,7 милиони норвешки круни (околу 174.000 до 2 милиони долари), а од 2022-ра година 1,1% за износите над таа граница. Во 2023-та година, точно 671.639 луѓе — околу 12% од населението — платиле данок на богатство.
Примарните живеалишта имаат попуст од 75% на проценетата вредност, додека акциите и комерцијалните недвижности добиваат попуст од 20%. Во пресметката се вклучуваат и средствата во странство, а долговите се одземаат.
Напуштањето на Норвешка носи и излезен данок од 37,8% на нереализирана капитална добивка над 3 милиони круни — на пример, добивка од акции чија вредност пораснала, но кои сè уште не се продадени. Правните дупки што им дозволуваа на иселениците да го одложуваат плаќањето на овој данок на неопределено време беа затворени во 2024-та година.
Овие промени го претворија поранешниот одлив во вистински поток. Податоците на конзервативниот тинк-тенк „Цивита“ покажуваат дека 261 жител со средства над 10 милиони круни (околу 973.000 долари) ја напуштиле земјата во 2022-ра година, а уште 254 во 2023-та година — повеќе од двојно над просекот пред зголемувањето на данокот.
Листата на 400-те најбогати луѓе во Норвешка, објавена од бизнис-магазинот „Капитал“, покажува дека 105 од нив сега живеат во странство или го префрлиле своето богатство на роднини кои живеат надвор од земјата. Фотографии од некои од нив висат и на таканаречениот „ѕид на срамот“ во канцелариите на малата опозициска Социјалистичка левичарска партија.
Аргументи во прилог: еднаквост и приходи
Поддржувачите на данокот тврдат дека тој служи како механизам за прераспределба во земја која го укина данокот на наследство во 2014-та година и се вбројува меѓу најбогатите во светот благодарение на нафтата, поморскиот транспорт и риболовот.
Норвешка ги насочува сите приходи од нафтената и гасната индустрија во државен суверен фонд и ги ограничува годишните повлекувања на 3% од неговата вредност, според самонаметнато фискално правило. Тоа значи дека државата мора да обезбедува и други извори на приходи.
„Данокот на богатство го прави целиот систем на персонално оданочување попрогресивен од самиот данок на доход“, вели заменик-министерот за финансии Елен Рајтан.
И покрај емиграцијата на дел од најбогатите, приходите од данокот на богатство пораснаа и сега изнесуваат околу 0,6% од бруто-домашниот производ — значителна сума. За споредба, британската лабуристичка влада бара заштеди од сличен обем за да ги исполни своите фискални цели.
Норвешка и понатаму останува меѓу најрамноправните земји во светот и е високо рангирана според условите за водење бизнис.
„Овие наоди укажуваат дека даноците на богатство не ги попречуваат директно инвестициите или вработувањето на ниво на компании“, вели Роберто Јаконо, професор на Норвешкиот универзитет за наука и технологија (NTNU).



