ПочетнаЕКОНОМИЈАКинеското производство на челик под строга контрола до 2030-та

Кинеското производство на челик под строга контрола до 2030-та

Кина соопшти дека ќе продолжи со строга регулација на производството на суров челик и ќе забрани додавање нелегални нови капацитети во периодот од 2026-та до 2030-та година.

Најголемиот светски производител и потрошувач на челик уште во 2021-ра година го запре растот на производството како дел од стратегијата за намалување на емисиите на јаглерод. Задолжителните ограничувања дојдоа и во услови на продолжен пад на секторот за недвижности, што ја оптовари индустријата поради прекумерен капацитет.

Во првите 11 месеци од 2025-та година, производството на суров челик во Кина се намали за 4 отсто во споредба со истиот период во 2024-та година, а вкупниот годишен обем се движи кон пад под една милијарда тони – првпат во последните шест години.

„Индустријата за суровини, вклучително и челичниот сектор, во моментов се соочува со сериозна нерамнотежа меѓу понудата и побарувачката“, соопшти Националната комисија за развој и реформи, главниот државен планер.

Во соопштението се наведува дека индустријата треба дополнително да ги продлабочи реформите на страната на понудата за време на Петнаесеттиот петгодишен план (2026–2030), при што ќе се охрабрува „преживување на најсилните“.

Иако од 2023-та година извозот на кинески челик останува стабилен и делумно го компензира падот на домашната побарувачка, тоа предизвика зголемени протекционистички реакции на глобално ниво. Сè поголем број земји воведуваат трговски бариери, оценувајќи дека евтините кинески производи им нанесуваат штета на локалните производители.

На 12-ти декември, Пекинг откри план за воведување систем за лиценцирање од 2026-та година, со кој ќе се регулира извозот на околу 300 производи поврзани со челикот.

Во меѓувреме, кинеската централна банка го зајакна јуанот на највисоко ниво во однос на американскиот долар за повеќе од една година. Банката ја постави централната паритетна стапка на 7,0358 јуани за долар, што е најсилно ниво од септември 2024-та година.

Трговците со валути наведуваат дека големите државни банки активно купуваат долари на домашниот спот-пазар и брзо ги разменуваат за јуани, што придонесува за зајакнување на кинеската валута.

Вчера, јуанот се тргуваше над централниот курс, на ниво од околу 7,01 за долар. Доколку го пробие психолошкиот праг од 7 јуани за долар, тоа би било највисоко ниво за кинеската валута од мај 2023-та година, јавува „Никеи“.

Офшор јуанот, со кој се тргува надвор од континентална Кина, вчера кратко го надмина прагот од 7 за долар – првпат од септември 2024-та година – но вчера повторно се врати под таа граница.

Јуанот ослабна претходно оваа година откако американскиот претседател Доналд Трамп воведе таканаречени „реципрочни“ царини за низа кинески производи во април, но подоцна се откажа од плановите тарифите за Кина да надминат 100 проценти.

Тензиите дополнително се намалија по средбата меѓу Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг во Јужна Кореја кон крајот на октомври, по што беше договорено едногодишно трговско примирје меѓу Вашингтон и Пекинг.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП