ПочетнаЕКОНОМИЈАСоветот на Град Скопје едногласно ја усвои иницијативата за дислокација на цементарницата...

Советот на Град Скопје едногласно ја усвои иницијативата за дислокација на цементарницата „Усје“

По 13-часовна седница, Советот на Град Скопје едногласно ја усвои иницијативата за дислокација на цементарницата „Усје“, поднесена од Зелен хуман град.

Со усвоените заклучоци, Град Скопје се задолжува Град Скопје:

-Да се обрати до Министерството за животна средина со официјално барање да се испита работењето на Усје и сите големи индустриски загадувачи, како и дали истите целосно ги исполнуваат сите услови, обврски и критериуми кои произлегуваат од важечката дозвола за работа и релевантната еколошка регулатива и во најбрз рок да го известат Град Скопје за резултатите.

-Да се бара Државниот инспекторат за животна средина да изврши серија ненајавени вонредни испекциски надзори врз работењето на Усје и сите големи индустриски загадувачи со цел утврдување на фактичката состојба, почитувањето на еколошките стандарди, дозволените емисии и примената на мерки за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.

-Се повикува Општина Кисела Вода врз основа на наодите, параметрите и мислењата добиени од Министерството за животна средина и Државниот инспекторат за животна средина да води особена сметка при понатамошната изработка на ДУПовите како и да ги земе предвид истите при сите идни урбанистички и плански постапки.

-Истата обврска се однесува и на останатите општини во составот на Град Скопје и Град Скопје со цел обезбедување усогласен, одговорен и одржлив пристап во просторното и урбанистичкото планирање во интерес на заштитата на животната средина и квалитетот на животот на граѓаните.

-Се задолжува градоначалникот на Град Скопје да се обрати до владата за да го разгледа начинот за започнување на постапка за дислокација на Усје и сите големи индустриски загадувачи на соодветни места надвор од скопската котлина согласно Законот за животна средина и Просторниот план на РМ

-Овој заклучок да се достави до градоначалникот на Град Скопје, владата на РМ, Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините во Градот Скопје.

Советничката, Катерина Цаневска, по гласањето, оцени дека со оваа одлука советниците застанале на страната на граѓаните и јасно се изјасниле за дислокација.

Според Цаневска, со едногласно донесените заклучоци се отвора пат за целосна институционална проверка на работењето на „Усје“ и на другите големи загадувачи, како и за серија ненајавени инспекциски надзори за утврдување на реалната состојба на терен. Таа додаде дека идното урбанистичко планирање мора да се темели на овие наоди, со цел заштита на животната средина и здравјето на граѓаните, а Владата да отвори постапка за дислокација на индустриските капацитети надвор од скопската котлина.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП