Во организација на Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ вечерва се одржа протест со блокада на крстосницата на булеварите „Борис Трајковски“ и булевар „Србија“ во Скопје.
Од иницијативата велат дека протестот е одговор на според нив долгогодишното жртвување на јавното здравје на граѓаните во корист на профитни интереси.
Според организаторите, во изминатиот период било истражувано работењето на цементарницата, при што, како што наведоа, станува збор за интернационална компанија со слични проблеми и во други земји.
Петар Керамитчиев од „Стоп за Усје“ изјави дека, според нивните сознанија, странскиот капитал и раководството на компанијата наоѓаат „легални начини“ да го оправдаат загадувањето, што, според него, директно го загрозува здравјето на граѓаните и децата.
Од иницијативата порачаа дека по празниците ќе следуваат нови протести и можни блокади на сообраќајот, доколку не се преземат конкретни мерки против, како што велат, големите загадувачи.
-Целосно ја разбираме загриженоста на јавноста за квалитетот на воздухот во градот, но нашата компанија не е причина за тоа. Напротив, ТИТАН Усје работи согласно најдобрите достапни техники во производството на цемент. Технологијата која се применува во ТИТАН Усје соодветствува со најдобрите компании од оваа индустрија во Европската Унија, велат од компанијата.



