ПочетнаЕКОНОМИЈАПразничен спомен по солена цена - колку чини фотографирањето со Дедо Мраз...

Празничен спомен по солена цена – колку чини фотографирањето со Дедо Мраз во Скопје?

Под трепкачките светилки и гласната новогодишна музика, плоштадот во Скопје навечер личи на сцена од празнична разгледница. Гужва, детска смеа, родители што брзаат да фатат момент.

Во центарот на вниманието е Дедо Мраз и редица што бавно се движи.

Фотографирањето чини 400 денари, во пакет со мало новогодишно подароче, а фотографијата се печати веднаш и се добива за десетина минути.

За некого тоа е симпатичен дел од празничната атмосфера, за друг – цена што боде очи уште пред блицот да светне.

„Малку е скапо, реално“, ни вели мајка која го држи детето во раце додека чека да ја подигне фотографијата. „Ама кога ќе видиш колку се радува… еднаш годишно е, ќе преживееме“.

Насмевката ѝ е мешавина од задоволство и тивко негодување, како да води мал внатрешен разговор со себе.

Неколку чекори подалеку, татко на две деца вели дека 400 денари не се малку, но дека не сака да им го скрати моментот.

„Ќе се сеќава на ова, не на цената. Пари се пари… доаѓаат и си одат“, додава и ја става фотографијата внимателно во торбата, да не се свитка.

Не сите размислуваат исто. Има и такви што отворено реагираат дека цената е превисока.

„За една слика и мало пакетче, ова е многу“, коментира постара скопјанка која со внуката само застанала да погледне. „Сѐ е поскапено, ама и ова си има граница“.

Застанува за момент, па додава потивко: „Иако… кога детето ќе ти се насмевне, тешко е да кажеш не“.

Фотографиите се печатат на лице место, за десетина минути се готови, а децата во меѓувреме го отвораат пакетчето со нетрпение.

Родителите ја проверуваат сликата – некои задоволно, некои со воздржана насмевка што значи дека очекувале барем малку повеќе.

Атмосферата е типична за декември: празнична, бучна, со постојано мерење меѓу желбите и можностите.

Сепак, најголемиот дел од луѓето со кои разговаравме признаваат дека цената е висока, но дека тешко се одлучуваат да го прескокнат фотографирањето.

Не поради фотографијата сама по себе, туку поради моментот.

„Парите ќе се потрошат и вака и така“, ни рече една мајка додека му го земаше пакетчето од рацете на детето. „А ова… ова ќе му остане“.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП