Постои една тивка, непишана зона во секое работно место – простор меѓу искреноста и професионалната мудрост. Не е цензура, ниту глума, туку инстинкт што се гради со години.
Искусните вработени знаат дека не секоја вистина треба директно да се каже на шефот. Не затоа што се плашат, туку затоа што разбираат како функционира хиерархијата, суетата и одговорноста.
„Не е проблемот во тоа што го кажуваш, туку кога, како и зошто го кажуваш“, вели консултант за човечки ресурси со кого разговаравме, додавајќи дека многу кариери не се уништени од лоша работа, туку од една непромислена реченица.
Една од најчестите грешки е отвореното споредување со претходен шеф. Реченици од типот „поранешниот менаџер ова го правеше подобро“ ретко се доживуваат како конструктивна критика. Напротив, тие директно удираат во авторитетот. Дури и кога има вистина во тоа, ефектот е спротивен – се создава отпор, а не дијалог.
Подеднакво опасна е и фразата „ова не ми е работа“. Во теорија, секој има опис на работно место. Во пракса, особено во мали тимови и динамични компании, ваквата изјава се чита како незаинтересираност или недостиг на тимски дух. „Луѓето често не сфаќаат дека шефот не слуша само зборови, туку чита став“, објаснува социологот Љубица Маџовска.
Има и друга крајност – сурова искреност без филтер. Да му кажете на шефот дека нема добра стратегија, дека не знае да води луѓе или дека носи погрешни одлуки, можеби е искрено, но ретко е паметно ако не е кажано во соодветен контекст.
Особено ако тоа се прави јавно, пред колеги. Таквите моменти не се забораваат лесно, дури и кога формално ќе се преминат.
„Незадоволен сум од платата и ништо не ме мотивира“ е уште една реченица што звучи искрено, но често остава погрешен впечаток.
Наместо сигнал за разговор, таа може да се протолкува како закана или ултиматум. Многу поискусни вработени избираат поинаков пристап – зборуваат за обем на работа, резултати, одговорности… и тука прават пауза. Доволно за пораката да стигне, без да биде напад.
Интересно е што проблем не се секогаш „лошите“ реченици, туку и премногу личните. Споделувањето приватни фрустрации, коментари за други колеги или шпекулации за состојбата во компанијата може да делува како доверба, но често се претвора во бумеранг.
„Шефот не е пријател, дури и кога делува така“, предупредуваат експертите.
Сето ова не значи дека на работното место треба да владее молк или страв. Напротив. Но, разликата меѓу професионална храброст и наивна искреност е тенка линија. Некои работи е подобро да се кажат поинаку. Некои – подоцна. А некои… едноставно да се премолчат.
Тоа не е лицемерие. Тоа е читање на просторот. И, во реалноста на секојдневната работа, тоа често е клучна вештина за опстанок.
Б.З.М.



