ПочетнаЕКОНОМИЈАПоскапувањето на струјата дојде тивко, реакциите траат со денови

Поскапувањето на струјата дојде тивко, реакциите траат со денови

Најавата дека сметките за електрична енергија од 1 јануари ќе пораснат од 57 до дури 900 денари, во зависност од потрошувачкиот блок, ја затекна јавноста во период кога секој денар веќе се мери внимателно.

Иако одлуката е формално образложена како балансирана и поумерена од првичните барања, реакциите кај граѓаните се сè само не рамнодушни.

„Мене можеби ќе ме закачи само првиот блок, ама не е проблемот само во тие 50–60 денари“, вели пензионерка од Карпош.

Проблемот е што сè оди нагоре, а платите и пензиите… стојат. Па човек веќе не знае од каде да крати“.

Од Регулаторната комисија уверуваат дека одлуката е конечна. Првиот човек на институцијата, Марко Бислимовски, јавно соопшти дека зголемувањето е донесено и покрај тоа што ЕВН Хоум побарал значително повисоки корекции на цената.

Според него, целта била да се заштитат домаќинствата со пониска потрошувачка и да се задржи социјалната компонента во тарифниот модел.

Но, токму кај оние што влегуваат во третиот и четвртиот блок, нервозата е најгласна.

„Ние сме четиричлено семејство, не живееме луксузно, ама нормално е да влеземе во повисок блок“, вели Живко Јанев од Аеродром.

Да се одвојат 900 денари повеќе не е мала работа. Тоа е една сметка за интернет. Некој ќе рече – штеди. А како да штедиш кога живееш на минимум?“

Има и такви што реагираат со иронија.

„Ќе гасиме светло и ќе вечераме во темница“, се шегува помлад граѓанин, но насмевката брзо му исчезнува. „Шегата на страна, ама реалноста е дека ова доаѓа во погрешен момент. Луѓето се уморни“.

Економисти со кои неофицијално разговаравме велат дека психолошкиот ефект од поскапувањето често е поголем од самиот износ.
Дури и минимално зголемување, кога е дел од поширок бран поскапувања, создава чувство дека контролата над домашниот буџет полека се губи. А тоа чувство… тешко се мери во блокови и тарифи.

Во јавноста се отвора и прашањето дали сегашниот модел навистина ги стимулира граѓаните да штедат или само ги казнува оние што немаат реална можност да ја намалат потрошувачката. Засега, од Регулаторна комисија за енергетика порачуваат дека системот останува и дека ќе се следат ефектите.

До тогаш, граѓаните прават математика. Некои со калкулатор, некои на прсти, а некои само со воздивнување и кратка пауза пред да ја платат сметката…

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП