Промената на работното место речиси секогаш доаѓа со мешавина од возбуда и тивка вознемиреност. Ново биро, нови лица, нови правила што никој експлицитно не ги кажува, а сите ги знаат…
Првите денови често се чувствуваат како да си дојден на туѓа свадба – седиш, се насмевнуваш, климаш со глава и се обидуваш да не погрешиш нешто за да не оставиш лош прв впечаток.
Психолозите велат дека тој притисок е нормален и дека адаптацијата не е прашање на ден-два, туку процес што трае со недели, па и месеци.
„Најголемата грешка што ја прават луѓето е што очекуваат од себе веднаш да знаат сè“, вели психологот Сања Љубеновиќ.
Според неа, новото работно место не е тест што мора да се положи од прва, туку простор каде постепено се гради сигурност.
„Прашајте, слушајте, набљудувајте. Луѓето многу повеќе ценат искрен интерес отколку глумење самодоверба“, додава таа.
Во првите денови, велат искусните менаџери, поважно е да се фати ритамот отколку да се импресионира. Кој кога пие кафе, како се комуницира со шефот, дали се пишуваат мејлови за секоја ситница или работите се решаваат со краток муабет во ходник.
Тоа се тие „невидливи правила“ што не стојат во ниту еден прирачник, а често прават разлика меѓу човек кој се вклопил и човек кој постојано се чувствува како странец.
„Новите вработени често сакаат да покажат дека вредат, па преземаат премногу обврски“, вели еден HR менаџер од ИТ-секторот, кој инсистираше да остане анонимен. „Тоа краткорочно може да изгледа добро, но на подолг рок создава стрес и нереални очекувања. Подобро е стабилно, чекор по чекор…“.
И односите со колегите се градат бавно, без форсирање. Не мора првиот ден да знаете сè за сите, ниту да се вклопите во секој разговор. Доволно е да покажете почит, да слушате и да бидете коректни. Со тек на време, природно ќе се појават блиски луѓе, заеднички теми, па и оние кратки паузи што го олеснуваат работниот ден.
Експертите советуваат и да си дадете дозвола за грешки. Мали пропусти ќе има, тоа е неизбежно.
„Важно е како реагирате на нив“, вели Љубеновиќ. „Ако признаете, поправете ја грешката и продолжете понатаму, тоа зборува многу повеќе за вас отколку совршено извршена задача без ниту едно прашање“.
Адаптацијата, на крајот, не е трка. Некои ќе се снајдат побрзо, некои побавно, и тоа е во ред.
Работното место не е сцена на која мора постојано да се докажувате, туку простор каде треба да се чувствувате доволно сигурно за да работите, да учите и да растете.
А тоа не доаѓа преку ноќ… туку тивко, со време.
Б.З.М.



