Контролирањето на хипертензијата (висок крвен притисок) е клучно за намалување на ризикот од сериозни здравствени состојби, како што се срцев и мозочен удар. Покрај редовната терапија, при регулирање на крвниот притисок важно е да се обрне внимание и на додатоците во исхраната, бидејќи некои од нив можат да го зголемат притисокот или да ја намалат ефикасноста на лековите за негово контролирање.
Поради тоа, одредени додатоци во исхраната не се препорачуваат за лица со висок крвен притисок. Фармацевтката Кирстин Хил издвојува неколку суплементи што лицата со хипертензија треба да ги избегнуваат.
Витамин Д (во високи дози)
Витаминот Д природно се наоѓа во одредени видови храна, а телото го произведува и кога кожата е изложена на ултравиолетовите зраци од сонцето. Иако е важен за бројни телесни функции, високите дози на витамин Д можат да предизвикаат сериозни несакани ефекти, вклучително и зголемени нивоа на калциум во крвта, што со текот на времето може да доведе до покачен крвен притисок.
„Високите дози на витамин Д можат да реагираат со диуретиците што се користат за лекување на хипертензија, што може да предизвика задржување на премногу калциум во телото. Препорачливо е да се разговара со матичен лекар, кој може да ги процени вашите нивоа на витамин Д и да советува дали е потребна суплементација“, вели Хил за „Health“.
Корен од сладунец
Коренот од сладунец се користи како додаток во исхраната, како и како арома во храна и пијалоци, а има и примена во традиционалната медицина. Содржи глициризинова киселина – соединение кое може да го зголеми крвниот притисок и да предизвика сериозни несакани ефекти кај лицата со хипертензија.
„Додатоците од сладунец можат да се мешаат во дејството на лековите за крвен притисок и диуретиците и да доведат до нарушување на рамнотежата на натриум и калиум во телото. Поради овие ефекти, на лицата со висок крвен притисок им се препорачува да избегнуваат производи што содржат корен од сладунец“, предупредува Хил.
Кантарион
Кантарионот често се користи за ублажување на симптомите на депресија и менопауза, но е познат по бројните интеракции со лекови. Тој може да ја намали ефикасноста на одредени лекови за крвен притисок, мешајќи се во нивната апсорпција во организмот.
Поради можните интеракции, се препорачува да се разговара со лекар пред земање кантарион, особено ако веќе се користи терапија или други додатоци во исхраната.
Горчлив портокал
Горчливиот портокал често се користи во додатоци во исхраната, најчесто за слабеење и подобрување на атлетските перформанси. Тој содржи п-синефрин – стимуланс сличен на ефедрин, супстанца која е забранета од страна на Американската администрација за храна и лекови (FDA) поради поврзаност со сериозни здравствени проблеми.
„Иако горчливиот портокал не е забранет, експертите предупредуваат дека може да го зголеми крвниот притисок и срцевиот ритам и да го зголеми ризикот од сериозни несакани ефекти. Горчливиот портокал во храна и пијалоци, сепак, не се смета за проблематичен“, посочува Хил.
Дополнителни мерки на претпазливост
Реакциите на додатоците во исхраната се разликуваат од личност до личност и зависат од возраста, исхраната, општата здравствена состојба и други фактори.
„Пред да воведете какви било нови витамини или додатоци во исхраната, препорачливо е да разговарате со лекар, кој може да ја процени нивната безбедност и можните интеракции со терапијата што веќе се користи“, заклучи експертот.



