ПочетнаЕКОНОМИЈАСе знаат загадувачите, стратегијата сè уште ја нема

Се знаат загадувачите, стратегијата сè уште ја нема

Скопје повторно дише тешко, а бројките овојпат не оставаат простор за релативизирање. Во изминатите денови мерните станици бележат концентрации на ПМ10 и ПМ2,5 честички што во одредени делови од градот се движат и три до четири пати над дозволените граници.

Според европските стандарди, дневната гранична вредност за ПМ10 е 50 микрограми на кубен метар, но во утринските и вечерните часови во Скопје се регистрираат вредности од над 150, па и 200 микрограми.

Кај ПМ2,5, кои се уште поопасни бидејќи навлегуваат длабоко во белите дробови, состојбата е уште посериозна – концентрации што според експертите претставуваат директен ризик за здравјето, особено кај децата, хронично болните и повозрасните лица.

За академската и стручната јавност, ова одамна не е само сезонски проблем.

„Состојбата е многу поопасна и поалармантна од тоа што се зборува. Не станува збор само за непријатен воздух, туку за континуирано изложување на отрови кои имаат долгорочни последици“, велат експерти, посочувајќи дека загадувањето директно се поврзува со зголемен број респираторни и кардиоваскуларни заболувања.

Според нив, студиите покажуваат дека во зимските месеци расте бројот на хоспитализации, а загадениот воздух се поврзува и со зголемена смртност. И тоа не е апстрактна опасност, туку статистика што секоја година се повторува.

Главните извори на загадување, според анализите, се добро познати: индивидуалните ложишта кои користат дрва со слаб квалитет, јаглен или други несоодветни материјали, густ сообраќај со возила со стари мотори и недоволна контрола на индустриските капацитети.

Во зимски услови, кога температурната инверзија го „затвора“ загадениот воздух над котлината, сите тие извори се акумулираат и создаваат токсичен коктел.

„Не е проблем што не знаеме од каде доаѓа загадувањето. Проблемот е што со години немаме доследна стратегија за негово намалување“, објаснуваат познавачи на состојбите, нагласувајќи дека решенијата мора да бидат долгорочни, а не реактивни.

Активирањето на алармантните мерки во главниот град е обид да се ублажи ударот, но и тие имаат ограничен ефект.

Мерките предвидуваат засилени контроли на индустријата, проверка на издувните гасови на возилата и препораки за работодавците да ги ослободат од работни обврски ризичните категории вработени.

Се препорачува и реорганизација на работното време, при што лицата што работат на отворено да ги извршуваат задачите меѓу 11 и 17 часот, кога концентрациите на загадувачи се нешто пониски. Дополнително, се советува да не се организираат спортски натпревари и културни манифестации на отворено, за да се намали изложеноста.

Сепак, дел од мерките предизвикуваат реакции кај јавноста. Отсуството на бесплатен јавен превоз, кој во минатото се најавуваше како клучна алатка за намалување на сообраќајниот метеж во критични денови, повторно ја отвори дебатата за тоа колку навистина се сериозни напорите.

„Ако граѓаните ги повикувате да ги остават автомобилите, мора да им понудите реална алтернатива. Во спротивно, мерките остануваат декларативни“, велат аналитичари, потсетувајќи дека сообраќајот учествува со значителен процент во вкупното загадување во урбаните средини.

Експертите предупредуваат и на долгорочните економски последици. Загадениот воздух не значи само нарушено здравје, туку и зголемени трошоци за здравствениот систем, намалена продуктивност и отсуства од работа. Според проценките, индиректните трошоци од аерозагадувањето се мерат во милиони евра годишно – пари што државата ги губи, а граѓаните ги плаќаат со сопственото здравје.

Сите овие податоци водат до ист заклучок, кој стручната јавност го повторува со години: проблемот е системски и бара системски одговор.

„Не може секоја зима да се изненадуваме од истите бројки. Потребни се време, стратегија и сериозно осмислување на мерките – од енергетската политика, преку сообраќајот, до урбанистичкото планирање“, нагласуваат експерти.

Зашто, како што велат, без вистинска акција, сите препораки и аларми остануваат само зборови што се губат во смогот. А Скопје, од зима во зима, продолжува да плаќа висока цена.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП