Следната година веројатно ќе биде четврта година по ред во која глобалните температури се за 1,4 степени Целзиусови повисоки од прединдустрискиот период, објави Британскиот метеоролошки институт (Met Office).
Во својата годишна прогноза за просечните глобални температури, Met Office соопшти дека 2026 година ќе биде проценета за 1,46 степени над основната година 1850-1900, бидејќи „бранот“ на затоплување продолжува.
Ова е под 1,55 степени забележани во најтоплата година – 2024 година, но би можела да ја стави 2026 година на листата на четирите најтопли години регистрирани и четврта по ред што го надминува прагот од 1,4 степени.
Минатата година, 2024 година, беше првата што го надмина прагот од 1,5 степени со кој земјите се согласија во Парискиот договор да се обидат да го ограничат глобалното затоплување за да ги избегнат неговите најопасни последици. Можно е слично сценарио да се повтори во 2026 година.
Професорот Адам Скајф, кој го предводи тимот зад прогнозите на британската Метеоролошка служба, рече: „Последните три години веројатно надминаа 1,4 степени и очекуваме 2026 година да биде четвртата што ќе го стори тоа“.
Ник Данстон од Метеоролошкиот институт рече дека во 2024 година „е забележано првото привремено надминување на прагот од 1,5 степени Целзиусови“ и дека нивната прогноза за 2026 година сугерира дека ова е „повторно можно“.
„Ова покажува колку брзо сега се приближуваме кон целта од Парискиот договор за 1,5 степени“, додаде тој.
Во Парискиот договор за климата постигнат во 2015 година, земјите ветија дека ќе го ограничат глобалното затоплување на далеку под два степени над прединдустриските нивоа и ќе вложат напори да го одржат порастот на 1,5 степени за да се обидат да ги избегнат најлошите последици од зголемувањето на нивото на морето, сушите, поплавите, топлотните бранови и екстремните бури предизвикани од климатските промени.
Научниците предупредуваат на сè посериозни последици од поголемо затоплување и намалена способност на луѓето и природата да се прилагодат на промените, каде што секој дел од степен прави разлика во избегнувањето на најлошите последици од климатските промени.
Но, ООН предупреди дека светот е сè уште на патот кон затоплување од 2,8 степени според сегашните политики, или околу 2,3 до 2,5 степени ако се спроведат сите ветени мерки на земјите.
Порано оваа година, Светската метеоролошка организација процени дека сегашните нивоа на глобално затоплување, без да се земат предвид температурните флуктуации меѓу годините, се за 1,37 степени над просекот за периодот 1850-1900 година.



