Економската порака што ја испраќа министерот за економија Бесар Дурмиши во пресрет на новогодишните и божикните празници е јасна и внимателно избалансирана: државата не очекува драстичен раст на цените, но е подготвена да реагира доколку пазарот „излезе од контрола“.
Таквиот настап, сам по себе, покажува дека Владата е свесна за чувствителноста на темата – храната директно го погодува секој џеб, а празничниот период традиционално е момент кога граѓаните најмногу ги чувствуваат ценовните удари.
Изјавите на Дурмиши ја отвораат клучната дилема: дали ценовниот притисок е реален или станува збор за перцепција.
Министерот тврди дека состојбата на годишно ниво е стабилна и дека државата постапува врз основа на „факти и аргументи“, но во исто време признава дека ќе има реакција ако се забележат „драстични промени“, особено во периоди како крајот на годината.
Токму тука се гледа тенката линија по која оди економската политика – помеѓу уверување и предупредување.
„Што се однесува до сите прехранбени артикли на годишно ниво, состојбата е стабилна. Тоа е таа перцепција кај граѓаните дека цените се поскапени и има причини за тоа… Не, не е перцепција, ние се соочуваме директно… Врз основа на факти и аргументи ние постапуваме. Доколку наидеме на некаква драстична промена, некакво зголемување на цените во однос на прехранбените и непрехранбените производи во малопродажба, особено при промена на годишните времиња, за новогодишните празници, ние ќе постапиме“, изјави Бесар Дурмиши, министер за економија.
Посебно внимание во јавноста предизвика растот на цените на јајцата – производ кој често служи како индикатор за пошироките движења во прехранбениот сектор.
Објаснувањето на министерот е насочено кон глобалните фактори: поскапувањето на пченката и сојата, суровини чија цена се формира на меѓународните берзи и врз кои државата нема директно влијание. Со тоа, одговорноста се префрла надвор од националните граници, но истовремено се отвора прашањето колку домашното производство е заштитено од ваквите надворешни шокови.
Тука Дурмиши ја насочува критиката кон претходната власт, посочувајќи дека недостигала системска поддршка за домашните производители.
Тој наратив логично води кон најавените мерки што треба да стартуваат од 1 јануари – финансиска поддршка за инвеститорите и производителите кои ќе го зголемуваат капацитетот или ќе вложуваат во технологија.
Според министерот, тоа треба да резултира со повеќе вработувања и поголемо домашно производство, што индиректно би делувало стабилизирачки и врз цените.
Но, токму тука се наоѓа суштината на анализата: краткорочно, граѓаните ја мерат економијата преку цените во маркетите, а долгорочните стратегии тешко се чувствуваат во секојдневниот живот.
Дури и ако законските решенија и кампањите на институциите дадат резултат, ефектите нема да се видат преку ноќ. Затоа, изјавите за стабилност мора да се читаат внимателно, како политичка порака за смирување на јавноста, но и како сигнал дека државата е свесна за ризикот од празнични ценовни злоупотреби.
Дали тоа ќе биде доволно за да се ублажи празничниот притисок врз домашниот буџет, ќе се види многу брзо – на касите во маркетите.
Б.З.М.



