Во многу фирми, работниот ден формално завршува во 17 часот. Барем на хартија. Во реалноста, компјутерите остануваат вклучени, телефоните ѕвонат, а пораките од шефовите стигнуваат и во 21 часот, со она краткото „само уште ова“.
Нема потпис, нема евиденција, нема прекувремена ставка на платниот список. Само чувство дека ако одбиеш – нешто ќе се смени. Или веќе се менува.
„Никој не ми кажал директно дека морам да останам, ама ако си првиот што станува од столчето во 17 часот, те гледаат како да си направил нешто погрешно“, вели вработен во приватна компанија во Скопје, кој бара да остане анонимен.
Работи во маркетинг, сектор каде што роковите „секогаш биле вчера“. Официјално има осумчасовно работно време. Неофицијално, денот ретко му завршува пред 18:30.
„Никогаш не сум видел денар повеќе за тоа. Само пофалба, понекогаш. А пофалбите не плаќаат сметки“.
Според Законот за работни односи, прекувремената работа треба да биде исклучок, не правило, и мора да биде платена или компензирана со слободни денови. Но токму тука, велат синдикатите, настанува „сивата зона“. Прекувременото не се наредува писмено, не се евидентира и затоа формално – не постои. Практично, пак, е секојдневие.
„Ова е најподмолниот облик на експлоатација, затоа што е тивок и доброволно наметнат“, вели претставник на еден од поголемите синдикати. „Луѓето не се тераат со закана, туку со страв од губење на работното место, од лоша репутација, од тоа дека ќе бидат заменети“.
Тој додава дека најпогодени се младите, луѓето на договори на определено време и вработените во приватниот сектор, особено во ИТ, маркетинг, медиуми и трговија.
Инспекциските служби, барем според официјалните податоци, ретко утврдуваат прекршувања поврзани со прекувремена работа. Не затоа што ги нема, туку затоа што е тешко да се докажат.
„Кога ќе дојде инспекција, сите си одат во пет. Никој не пишува дека останал до седум“, раскажува сметководителка од производствена фирма. „А кога ќе си замине инспекторот… па, знаете“.
Економистите предупредуваат дека оваа практика има и пошироки последици. Неплатеното прекувреме ја нарушува конкуренцијата, ги намалува реалните плати и создава лажна слика за продуктивност.
„Фирмата изгледа ефикасна, а всушност троши човечки ресурс без да го пресмета“, вели универзитетски професор по трудова економија. „На долг рок, тоа значи исцрпени работници, поголем број боледувања и помала лојалност. Никој не останува мотивиран бесконечно“.
Некои работодавци, неофицијално, признаваат дека системот е „таков“. Рокови, клиенти, пазарен притисок.
„Ако не останеме ние, ќе остане конкуренцијата“, вели менаџер од средна компанија.
Но, токму тука се крши линијата меѓу потребата и злоупотребата. Кога прекувременото станува норма, а не исклучок, тогаш веќе не зборуваме за флексибилност, туку за правило што никој не сака јавно да го запише.
Најпроблематично е што многумина веќе го прифаќаат тоа како „нормално“. Како дел од работната култура.
„Така е секаде“, ќе кажат. Можеби. Но тоа „така“ има цена, и таа не се гледа веднаш. Се собира со години, во умор, во чувство на неправда, во тивко незадоволство што ретко излегува во штрајк, а почесто во молк.
Б.З.М.



