Ќе бидат на своите работни места но нема да ги извршуваат работните задачи. Ова е одлуката на вработените во Управата за водење на матични книги. Стапуваат во штрајк на работното место бидејќи од страна на надлежните не им се исполнети ветувањата и од друга страна обвинуваат за непочитување на колективните договори.
Од Независниот синдикат на Управата за водење на матични книги велат дека доколку не им се исполнат нивните барања ќе стапат во генерален штрајк и практично ќе ја парализираат државната институција. Тие денеска им се извинуваат на граѓаните бидејќи Управата за матични книги нема да издаде ниту еден документ, но бараат да бидат разбрани бидејќи се работи за нивна егзистенција, нивна и на нивните семејства.
„Вработените ќе бидат на своите работни места, но документи нема да издаваат, а бидејќи секој од нив заслужува 20 отсто, поради тежината на работата, поради тоа што работат со доверливи документи, но досега нема никаков договор, на минатонеделниот состанок се договоривме да бојкотираме. Еднодневниот прекин за работата на 16. декември е во знак на револт поради долголгогодишно непочитување на Колективниот договор и игнорирање на нашите барања за подобри услови и повисоки плати“, велат од синдикатот.
Во Управата за матични книги работат околу 350 лица, а најголемиот дел од нив се на минимална плата. Според информациите од синдикатот, во оваа државна институција во моментов недостасуваат околу 100 лица за работата да тече во нормални услови и се да се завршува на време.
Синдикалците велат дека добиле ветување од власта, разговарале со дел од министрите, со владините советници и им било ветено дека по завршување на локалните избори нивните барања ќе бидат исполнети, но засега ништо од тоа.
И.П



