Средната класа некогаш беше тивката, но стабилна оска на македонското општество. Луѓе со редовна плата, кредит за стан, еден автомобил пред зграда, летување еднаш годишно и чувство дека, ако не оди нагоре, барем нема да оди драстично надолу.
Денес, тоа чувство речиси исчезна. Прашањето „дали средната класа се топи“ одамна не е теоретско, туку секојдневно – се слуша во редици пред маркети, во разговори по кафулиња, во тивките пресметки пред каса.
Официјално, државата сè уште зборува за средна класа. Но, кога ќе се тргнат статистичките просеци и ќе се погледне реалниот живот, сликата станува матна.
Просечната нето-плата се движи околу 40.000 денари, но медијаната, она што навистина го зема „обичниот човек“ е значително пониска. Токму тука почнува проблемот.
„Со 35–40 илјади денари денес не можеш да се сметаш за средна класа, туку за преживувач“, вели економист кој со години ги следи животните трошоци, додавајќи дека порастот на платите не ја следи инфлацијата, туку ја брка – и постојано заостанува.
Според анализите на невладини организации и независни економисти, реалната средна класа во Македонија денес опфаќа помалку од една третина од населението.
И тоа со сериозна резерва. Во таа група влегуваат домаќинства со вкупни месечни приходи од околу 70.000 до 120.000 денари, без луксуз, но и без постојан страв од секој нареден месец.
Под ова ниво, почнува зоната на финансиска несигурност – и таа зона се шири.
„Јас пред пет години се чувствував како средна класа“, вели скопјанец, вработен во приватна фирма, со две деца. „Имавме планови, одевме на одмор, штедевме по нешто. Денес, платата ми е поголема, ама реално живеам полошо. Само сметки, храна и кредити… и толку“.
Токму таа тивка ерозија е најопасна. Средната класа не исчезнува со драматичен удар, туку со илјада мали отстапки – помал одмор, одложен сервис на автомобил, прескокната приватна здравствена услуга, „ајде следниот месец“.
Економистите предупредуваат дека кога средната класа се стеснува, општеството станува поранливо, поларизирано и зависно од државни интервенции. А Македонија, велат тие, веќе е блиску до тој праг.
Дополнителен проблем е што младите речиси и не влегуваат во средната класа. Вработени со плати од 25–30 илјади денари, со скапи кирии и без сопствен имот, тие стартуваат директно од позиција на несигурност.
„Млад човек денес, ако нема семејна поддршка, практично нема шанса сам да изгради среднокласен живот“, вели социолог, кој нагласува дека ова не е само економски, туку и длабоко социјален проблем.
Во меѓувреме, горниот слој расте, но бавно и селективно, додека долниот – побрзо и погласно.
Средината, онаа што држи рамнотежа, се истенчува. И можеби најзагрижувачко е што тоа веќе не предизвикува шок, туку рамнодушност. Како да се навикнавме.
Дали средната класа исчезнува? Можеби не целосно. Но се стеснува, се заморува и се повлекува чекор по чекор. А кога ќе исчезне чувството дека трудот носи сигурност, тогаш… тука веќе не станува збор само за пари. И тука приказната станува многу посериозна.
Б.З.М.



