ПочетнаТЕХНОЛОГИЈА„Huawei“ го лансираше „Mate X7“ – нов ултра-танок флегшип телефон на преклоп...

„Huawei“ го лансираше „Mate X7“ – нов ултра-танок флегшип телефон на преклоп (ВИДЕО)

„Huawei Technologies“ уште повеќе ја зацврсти својата позиција во сегментот на преклопни паметни телефони со глобалното лансирање на моделот „Mate X7“, токму во време кога пазарот со нетрпение очекува првиот преклопен „iPhone“ и кога се анализира најавата за првиот „Samsung TriFold“ модел.

„Mate X7“ беше претставен минатиот месец на кинескиот пазар, а сега официјално беше лансиран и на глобално ниво на настан во Дубаи. Телефонот е екстремно тенок – само 4,5 mm во расклопено состојба, со вкупна тежина до 236 грама со батеријата. Уредот има батерија од 5.600 mAh со подобрен систем за одведување топлина, а „Huawei“ уверува дека обезбедува автономија за цел ден користење.

Компанијата нагласува дека „Mate X7“ е нејзиниот прв ултра-танок преклопен телефон што нуди квалитет на камери споредлив со класичните премиум модели. Задната „True-to-Colour“ камера е подобрена и нуди приближно 43% подобра прецизност на боите во однос на претходната генерација.

И покрај американските санкции од 2019-та година, „Huawei“ значително ја засили меѓународната маркетинг-стратегија. Компанијата уште во февруари ја лансираше глобално „Mate XT“, тогаш единствениот три-пати преклопен телефон на светот. На настанот во Дубаи беа претставени и други уреди, вклучувајќи „FreeClip 2“ безжични слушалки во нова розе-златна боја и паметен часовник од линијата „Huawei Ultimate Design“ со водоотпорно куќиште.

Според податоците на истражувачката компанија „IDC“, „Huawei“ во првите три квартали од годината држел скоро 70% од кинескиот пазар на преклопни телефони, а на глобално ниво уделот на уреди со HarmonyOS би можел да порасне од 11% во 2025-та година на 17% во 2026-та година — иако оваа проценка не ја вклучува глобалната верзија на „Huawei“ со „Android“. „IDC“ проценува и дека глобалните испораки на преклопни телефони ќе пораснат околу 30% следната година, а конкуренцијата ќе се зајакне со влезот на „Apple“. „Apple iPhone Fold“ моделот се очекува да се појави со цена од приближно 2.400 долари.

„Huawei“ го лансираше „Mate X7“ само ден пред почетокот на продажбата на „Samsung Galaxy Z TriFold“ моделот во Јужна Кореја, по цена околу 2.444 долари, со план за проширување на продажбата на други пазари.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП