ПочетнаЕКОНОМИЈАВо управните одбори во Македонија 29,5 отсто се жени, ЕУ вели треба...

Во управните одбори во Македонија 29,5 отсто се жени, ЕУ вели треба да има најмалку 40 проценти!

Европската Унија усвои директива со која големите компании треба да обезбедат најмалку 40% застапеност на недоволно застапениот пол меѓу неизвршните директори или 33% меѓу сите директори до 30 јуни 2026 година. Целта е транспарентни, фер и родово неутрални процеси при избор на директорски позиции. Ова вклучува проценка на кандидатите врз основа на квалификации и објективни критериуми, без оглед на полот.

Од Алијансата за родова еднаквост на работното место GEA, која е Иницијатива на Ацоцијацијата на Е- трговија сметаат дека оваа тема не е само општествено прашање, туку јасен економски императив. Иако последните години има напредок, жените и понатаму се соочуваат со ограничени можности за напредување, нерамномерна застапеност и родов јаз во платите. Според нив потребни се поефикасни политики, корпоративни промени и поддршка од заедницата за да се обезбедат еднакви услови за напредок.

„Истражувањата покажуваат дека разновидните одбори носат подобри одлуки, затоа што комбинираат различни перспективи, искуства и лидерски стилови. Компаниите со балансиран менаџмент постигнуваат поголема иновативност, подобра корпоративна култура и повисока профитабилност. Освен тоа, родовата разновидност во корпоративното раководство придонесува кон подобрување на имиџот на компанијата и зголемување на довербата кај инвеститорите, клиентите и вработените. За да изградиме посилна економија и поконкурентни компании, потребно е да се овозможат еднакви шанси за жените да ја достигнат и искористат својата лидерска улога. Време е да ја надминеме родовата бариера и да создадеме корпоративен свет во кој талентот, знаењето и способностите се поважни од полот“, велат од Aлијансата за родова еднаквост – GEA.

Според Евростат, жените во Европската Унија во 2022 година заработувале во просек 12,7% помалку по час од мажите. Ова значи дека за секои 100 евра заработени од мажите, жените заработувале 87,3 евра. Во Луксембург жените заработуваат малку повеќе или 0,7%, додека најголем јаз има во Естонија 21,3%, во Австрија 18,4% и Чешка 17,9%. Во Македонија пак, според податоците на Државниот завод за статистика од 2022 година, жените заработуваат 13,5% помалку.

„Овој јаз произлегува од хоризонтална и вертикална сегрегација. Хоризонталната значи дека жените се концентрирани во одредени сектори со традиционално пониски плати, како образование, здравство и социјална заштита. Вертикалната сегрегација, или „стаклениот таван“, претставуваат бариери што го отежнуваат напредувањето на жените до високи и добро платени раководни позиции“, велат од Aлијансата за родова еднаквост – GEA.

Податоците за застапеноста на жените во управните одбори во Европа за 2023 година покажуваат значителни разлики меѓу земјите. Франција 46,1%, Норвешка 43,1%, Италија 43%,Исланд 42.4%, Данска 41.4%и Холандија 41% веќе го надминуваат прагот од 40% поставен од ЕУ.

Од друга страна, земјите од Југоисточна Европа и Балканот покажуваат пониски стапки на застапеност. Во земјава има 29,5% жени во управните одбори, што е под просекот на ЕУ 33,8% и далеку од целта од 40%, но со значителен напредок од 2008 година, кога застапеноста била 10,3%.

Инаку, Македонија бележи значителен пораст од 19.2 процентни поени во споредба со 2008 година, што е показател за позитивен тренд, но за да се достигне целта од 40%, неопходни се поефикасни мерки, поддршка за женското лидерство и подобрување на корпоративната култура за родова еднаквост.

Во однос на извршните позиции, целта на ЕУ е 33%, а европскиот просек изнесува 22,2%. Црна Гора со 38,2% е лидер со највисока застапеност на жени на извршни позиции, надминувајќи ја дури и целта од 33%, а во Македонија 31,7% жени на извршни позиции и се приближува до целта, што укажува на позитивни трендови, но и простор за дополнителни подобрувања и понатамошните напори треба да бидат насочени кон креирање поддржувачка корпоративна култура и други стимули за зголемување на застапеноста на жените на извршни позиции директори, како и поддршка за развој на женски лидерски вештини. Усогласувањето со директивата не само што ќе придонесе за родова еднаквост, туку и ќе ја зајакне конкурентноста на македонските компании на европскиот пазар.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП