Германската влада повторно ја отвори една од најжешките теми во европските социјални системи: пензиската реформа.
Се предлага модел што, како што велат тамошните министри, треба „да ја стабилизира законската пензија во следните децении“, но паралелно ги отвора старите дилеми за тоа што навистина значи правичност кога станува збор за заминување во пензија.
Без преголема драма во тоновите, но со јасна порака, властите во Берлин порачаа дека хронолошката возраст веќе не смее да биде единствениот критериум.
Она што ќе пресуди е колку години човек навистина работел, колку пати ги уплатил придонесите…
Таа теза тивко, но експлозивно го отвори прашањето и кај нас: може ли Македонија некогаш да премине на сличен модел, и дали тоа би било попрецизно, поправедно или само уште една математичка гимнастика во систем што и онака крцка на сите зглобови.
Според предлогот на германската реформа, возраста за пензионирање ќе се крева постепено до 67 години до 2031 година, а само оние што имаат најмалку 45 години стаж ќе можат да заминат без пенализирање на 65 години.
„Возраста не треба да биде одлучувачки фактор“ – не беше само техничка изјава, туку некаков сигнал дека Европа се подготвува за нова ера во која пензијата ќе се пресметува не по роденден, туку по реалност.
По тоа колку навистина си учествувал во системот. И токму тука почнува македонската приказна, онаа неизговорената, која одамна стои под тепих: дали е возможно и кај нас заминувањето во пензија да зависи од стаж, а не од број на свеќички на тортата?
Еден економски аналитичар вели дека идејата изгледа логична на хартија, но на македонска територија веднаш се судира со нашата специфична реалност: голем број луѓе почнуваат да работат доцна, често со прекини, а дел од стажот им е неплатен или непријавен.
„Не може да зборуваме за модел според стаж ако претходно не решиме како да обезбедиме дека стажот навистина постои. Инаку само ќе создадеме уште поголема неправда“, вели тој.
Од друга страна, еден искусен познавач на трудовото право смета дека ваквата реформа би била шанса Македонија да создаде пофер систем.
Според него, човек кој работел од 18 години и со мака истуркал 45 години работен стаж, не смее да ја дели истата судбина со некој што почнал да работи дури на 30 и очекува да се пензионира во иста возраст.
„Пазарот на трудот кај нас е премногу нерамномерен. Ако веќе бараме правичност, тогаш трудот мора да вреди, а вредноста да се мери во години вложување, а не календарски бројки“, објаснува нашиот соговорник.
Меѓу граѓаните, сликата е уште поразнобојна. Некои велат дека моделот би бил спас за работниците што стартуваат рано – градежници, шивачки, угостители, луѓе кои „го оставиле здравјето низ фабрики“.
Други, пак, стравуваат дека државата само ќе најде нова рамка за да го одложи пензионирањето, а дека реално условите ќе останат исти: ниски плати, хаотичен пазар, и стаж што често е само бројка на хартија.
„Фино звучи, ќе одам порано во пензија ако имам 45 години стаж, ама мојот работодавач три години не ми уплатувал ништо. Што правиме со тоа?“, вели еден соговорник.
Парадоксално, многумина согледуваат дека токму германската дилема ја отвора и нашата: не може Македонија да размислува за пензија според стаж, ако паралелно не ја реши сивата економија, непријавената работа, нередовните уплати, па и широката пракса на фиктивни договори.
Без тоа, моделот би бил исто што и да поставите луксузен покрив на куќа со распаднати темели.
„Кај нас, прво треба да утврдиме дека секоја работна година навистина е работна. Дури потоа може да зборуваме за реформи од германски тип“, смета еден експерт, чиј тон е повеќе песимистички отколку критички.
Интересно е што дел од граѓаните реагираат и на идејата дека академскиот кадар треба да се пензионира подоцна, зашто на пазарот на трудот влегува подоцна.
Некои велат дека тоа е фер – ако некој студира до 27, нормално е да работи подолго.
Други, пак, го гледаат тоа како казнување на оние што инвестирале во образование.
„Па чекај малку, ако сум учела 10 години за нешто, не значи дека морам 10 години повеќе да работам за да го докажам тоа. Пензиски систем не треба да биде казна за школување“, ни изјави една госпоѓа.
Сепак, најсилната порака која извира од нашите соговорници е дека Македонија мора да отвори дебата за иднината на пензискиот систем, наместо да се движи по инерција додека бројките стануваат сè понеподносливи.
Популацијата старее, младите заминуваат, пазарот се празни, а фондот тивко се растегнува до граници што не се баш комoтни.
Реформите, барем како тема, повеќе не се прашање на „дали“, туку на „кога“, „како“ и „дали некој конечно ќе седне да го пресмета тоа без политички бонуси“.
Германскиот пример можеби е само прва искра. Можеби ќе остане само инспирација. А можеби – ако конечно се охрабриме да погледнеме подлабоко во системот – ќе стане модел што и тука ќе го отвори прашањето што одамна чука на врата: дали пензијата треба да зависи од тоа колку сме живееле… или колку сме работеле.
И дали, во земјава во која многу луѓе почнуваат со работа пред да наполнат 20 години, не е конечно време да се каже на глас нешто што одамна се шепоти: дека стажот понекогаш зборува многу погласно од годините.
Б.З.М.



