ПочетнаЕКОНОМИЈА3 милијарди евра за европско рударство: Брисел брза кон стратешка самодоверба —...

3 милијарди евра за европско рударство: Брисел брза кон стратешка самодоверба — дали Македонија ќе се приклучи?

Со усвојувањето на RESourceEU, Европската комисија го постави рударството и преработката на критични минерали високо на агендата, обезбедувајќи финансиска и регулаторна поддршка за проекти од литиум до бакар и кобалт. Акцискиот план нуди механизми за финансиска поддршка, олеснување на дозволите и мерки за намалување на ризиците од геополитички прекини.

Повеќе од чиста економска иницијатива, планот е дел од стратегијата за европски суверенитет — со отворена опција за партнерства и проекти во соседните региони, што ја прави оваа рунда од 3 милијарди евра можност и за државите од Западен Балкан да го развијат својот рударски потенцијал во согласност со европските стандарди.

„Комисијата ќе ги забрза проектите значајни за ЕУ, со тоа што ќе изнајде алатки за намалување на финансискиот ризик и со тоа што ќе ги отстранува регулаторните „тесни грла“, па така ќе се забрзаат дозволите за стратешките проекти, со потенцијал за намалување на зависноста од увоз до 50% до 2029 година. ЕУ ќе мобилизира до 3 милијарди евра во текот на следните 12 месеци за поддршка на конкретни проекти кои обезбедуваат алтернативни приноси на краток рок. Комисијата, Европската инвестициска банка и земјите-членки веќе отклучуваат финансиска поддршка за приоритетните проекти, како што се проектот „Вулкан“ за екстракција на литиум во Германија, како и проектот „Малмбјерг“ на „Гренланд Рисорсис“ за ископ на минералот молибден“, истакнаа од ЕК.

Дополнително, Унијата најавува дека ќе ја продлабочи соработката со истомислечки земји-партнери, во однос на диверзификацијата на снабдувањето со руди и забрзувањето на индустриската соработка, потпишувајќи договори за стратешки партнерства со земји богати со ресурси.

„ЕУ, исто така, работи на наменски инвестициски рамки за синџири за критични минерални суровини со Украина, Западен Балкан и т.н. „Јужно соседство“. Комисијата понатаму ќе продолжи со инвестициски вин-вин проекти од кои сите добиваат, во рамките на стратегијата за соработка со економиите во развој“, додаваат од Комисијата.

За да се заштити индустријата од геополитичка и ценовна нестабилност, а воедно и да се зголеми свеста за можни недостатоци, Унијата на почетокот на 2026 ќе основа Центар за минерални суровини и ќе ги олесни напорите на компаниите за заедничко купување стратешки суровини и преку договори за откуп. Освен за проекти за ископ, Брисел размислува и за забрана за извоз на отпад кој содржи алуминиум или бакар.

„За да се зголеми капацитетот за рециклирање на Европа, Комисијата ќе воведе, на почетокот на 2026 година, ограничувања за извоз на отпад од трајни магнети врз основа на темелна проценка, како и целни мерки за отпад од алуминиум. Слични мерки ќе се разгледаат и за отпад од бакар“. се истакнува во Акцискиот план.

За да се заштити Единствениот пазар наа ЕУ и да се зајакне отпорноста на синџирот на снабдување, Акцискиот план предвидува и следење, кризна координација и одбрана од непријателско мешање.

„Денес, Европа дејствува врз основа на планот за своја независност во однос на критичните суровини. Со Акцискиот план RESourceEU, се опремуваме со алатките што ни се потребни за да го забрзаме сопственото производство и да ја диверзифицираме нашата понуда на критични суровини. Односно, од ново финансирање до олеснети регулаторни процедури, па сè до зајакнати и нови меѓународни партнерства. Во оваа глобална трка за материјалите што им се најпотребни на нашите индустрии, RESourceEU е двигател на нашиот индустриски суверенитет. Камен-темелник на економската безбедност на Европа“, вели Стефан Сежурне, комесарот за Унијата за индустриски стратегии.

Претходно, преку проект на Унијата, повеќе институтии опсервираа какви минерални суровини поседува секоја од земјите во Европа. Повикувајќи се на податоци од постари геолошки истражувања направени во земјата, во делот за Македонија беа истакнати бакарот, антимонот и никелот.

Сепак, засега македонските власти се уште немаат утврдено стратешки проекти и критични минерали, а тоа се очекува да се случи откако би се усвоил новиот Закон за рударство. Тој беше образложен со аргументацијата за усогласување со европските регулативи посветени на рударството и геологијата, па останува неизвесно дали Македонија ќе се приклучи кон колачот од три милијарди евра наменети за поддршка на проекти за минерални суровини само за една календарска година од страна на Европската Унија.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП