Иако туширањето за многумина е симбол на чистота, опуштање и краток „ресет“, дерматолозите алармираат дека неколку вообичаени навики можат сериозно да ѝ наштетат на кожата.
Тие не доаѓаат од екстремни третмани, туку од мали, наизглед безазлени грешки што секојдневно се повторуваат и со време ја ослабуваат природната заштитна бариера на кожата.
Стручњаците предупредуваат дека токму предолгото и жешко туширање е првата скриена причина за сувост и иритација. Температури на вода над 38 степени ги разградуваат природните липиди, поради што кожата станува затегната, „крцкава“ и поосетлива, иако визуелно изгледа чиста. Кратки тушеви со умерено топла вода се доволни за хигиена и значително поблаги за кожата.
Втората голема грешка е употребата на претерано многу козметика – миризливи гелови, густи пени и агресивни состојки, комбинирани со груби сунѓери. Наместо да го подобрат чувството на свежина, тие ја нарушуваат природната рамнотежа на кожата и ја прават поранлива, особено кај чувствителните зони. Дерматолозите препорачуваат едноставни и нежни формули со минимален број состојки и без силни парфеми.
Како најчеста грешка се издвојува – одложената хидратација. Тој клучен момент, велат стручњаците, е веднаш по туширањето. Во првата минута кожата најбрзо ја губи влагата, па доколку тогаш не се нанесе лосион, млеко за тело или масло, таа побрзо се суши. Негата нанесена на благо влажна кожа создава заштитен слој и ја задржува хидратацијата во текот на целиот ден – мала промена со голем ефект.



