Се зголемува неформалната економија во земјава. Податоците кои ги објави Државниот завод за статистика покажуваат поразителни бројки. Имено, 100 619 лица се вработени на црно што претставува за 2,5 отсто повеќе пресметано за периодот – трет квартал годинава во однос на претходното тромесечие.
Официјалните податоци покажуваат дека во Македонија има активно население кое брои 796 930 лица. Од нив 705 165 лица се водат како вработени, од друга страна бројот на невработени лица во земјава изнесува невработени 91 765. Стапката на активност изнесува 52.5 а пак стапката на вработеност е на ниво од 46.5. Тоа што најмногу се мери во земјава, а тоа е стапка на невработеност, таа во моментов изнесува 11.5. Како што и потенциравме на почетокот од оваа анализа, најмногу загрижува податокот на неформалната економија која е во подем.
„Учеството на неформалната вработеност се зголемува. Неформално вработени лица се 100 619, што е за 2.5 % повеќе од претходното тримесечје. Најголем број неформално вработени лица, 48.8 %, има во секторот Земјоделство, шумарство и рибарство и 17.7 % во секторот Градежништво. Од вкупниот број на невработените лица, невработени мажи се 62.4 %, а жени 37.6 %. Бројот на вработени лица бележи зголемување од 0.5 %. Од вкупниот број вработени, 57.8 % се мажи, а 42.2 % се жени“, се наведува во извештајот на ДЗС.
Неформалната економија е проблем со кој што се соочуваат сите држави во светот, но според истражувањата нејзиниот обем е поголем во земјите во развој и земјите со високо ниво на невработеност. Оттука, особено е значајно да се знае процентот на неформалната економија во земјата, со цел државата да презема таргетирани мерки и активности за нејзино намалување. Имајќи го предвид ова, а со оглед на висината и распространетоста, неформалната економија е сериозен предизвик за државите во однос на дизајнирањето на економските, фискалните и социјалните политики за нејзино намалување.
Македонија има на хартија стратегија за борба против неформалната економија која е за периодот 2023 до 2027 година. Но колку таа дава резултати, одговор на ова правање дадоа последните податоци на државните статистичари. Во Стратегијата се наведува дека недоволната побарувачка на работници во формалниот сектор е една од причините за постоење на неформалната економија.
Работниците во формалниот сектор уживаат поголема заштита и платени придонеси за пензиско, инвалидско и здравствено осигурување, наспроти неформалниот сектор кој се смета дека се состои од ниско продуктивни работни места кои што нудат помала заштита и помал број на непарични бенефиции во споредба со формалниот работен однос.
„Една од причините за неформалната економија во Северна Македонија е и високото ниво на толеранција во однос на неформалноста и нејзиното заедничко прифаќање како алтернативен механизам за прилагодување. И покрај тоа што деловните субјекти од формалниот сектор се соочуваат со нелојална конкуренција од неформалните субјекти, тие сепак често ги користат истите како добавувачи на суровини и други видови услуги. Како последица на тоа, поголемиот дел од деловните субјекти работат истовремено и во формалниот и во неформалниот сектор„, стои во Стратегијата на Министерството за финансии.
Неформалната економија претставува еден од најголемите предизвици на националните економии, особено во земјите во развој, кои се соочуваат со изразено висок степен на неформална економија. Согласно најновите податоците на Меѓународната организација на трудот, на светско ниво околу 2 милијарди луѓе работат во неформалната економија.
И.П



