ПочетнаЕКОНОМИЈАДржавата бара работници, невработените бараат алиби

Државата бара работници, невработените бараат алиби

Една бројка, наводно сувопарна и техничка, повторно ја отвори истата стара рана: во државава има околу 10 илјади слободни работни места, а истовремено илјадници луѓе формално се водат како невработени.

Парадокс што одамна престана да изненадува, но сепак секојпат создава чуден грч во јавноста.

Работодавците одамна предупредуваат дека недостигаат луѓе во услужните дејности, трговијата, обработката на храна, сместувачките капацитети, па и во полесните преработувачки линии.

„Празни позиции има, ама нема волја да се пополнат“, велат тие зад затворени врати, повеќе како резигнирана констатација отколку обвинување.

Она што го прави феноменот уште понезгоден е чувството дека голем дел од невработените лица не се ни движат кон подобрување на вештините.

Експертите велат дека „многумина остануваат во некаква зона на удобност“, како да не им се брза да излезат од статусот што им гарантира минимална сигурност преку разни државни бенефиции.

Во разговори со лица што ја следат трудовата политика, често се слуша истиот утробен коментар:
„Повеќе им одговара да останат на грбот на државата, отколку да влезат во нешто ново“.

Не со осуда, туку со одредена немоќ, па дури и разбирање дека долги години системот ги подучувал да очекуваат наместо да се потрудат.

Работодавците, од друга страна, се наоѓаат во речиси апсурдна состојба. Тие објавуваат огласи, ги повторуваат, ги ажурираат, а на интервју се појавуваат или кандидати кои немаат основни вештини, или пак доаѓаат, гледаат, слушаат за условите и заминуваат без ниту половина намера да се вратат.

Еден сопственик на мал производствен погон објаснува дека „понекогаш ни доаѓаат луѓе што уште на влез прашуваат дали може да се пријават, а да не доаѓаат секој ден“.

Познавач кој работи со програми за обука вели дека државата со години се обидува да воведе разни преквалификации, но интересот е болна тема.

„Има луѓе што ќе дојдат првиот ден, ќе се потпишат и исчезнуваат, а ние треба да пријавиме дека програмата формално функционирала“, раскажува тој.

Ова создава привид дека нешто се движи, а во реалноста никој суштински не се помрднува од место. И токму тука се крши идејата дека бројот на невработени нешто кажува за вистинската состојба.

Многу работодавци, особено во угостителството и трговијата, велат дека би вработиле веднаш, без одолговлекување, без големи услови, само да најдат човек што сака да работи.

Некои објаснуваат дека веќе се навикнале на краткотрајни ангажмани, затоа што работниците остануваат по неколку недели, па дури и денови, само колку да ја задоволат административната форма.

„Луѓето сакаат плата, ама не и работата што оди со неа“, шепоти една жена која раководи со мал хотел. Ниту таа не звучи како да обвинува, туку повеќе како да прифаќа дека системот е испукан, па секој се снаоѓа во него најдобро што знае.

Колку и да звучи грубо, експертите сметаат дека сè додека општеството остане во оваа аморфна состојба со формално невработени, а суштински незаинтересирани, со работодавци кои врескаат по луѓе, а добиваат празни пријави, бројките ќе останат како шарена лага.

И ќе продолжиме да зборуваме за парадоксот што не е ниту мистерија, ниту новост, туку одраз на подлабока, тивка навика која сите ја знаеме, ама ретко кој ја признава гласно. И така, кругот се врти…

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП