Од болничките ходници одамна се слуша едно исто прашање, она што луѓето го кажуваат со тивка загриженост кога ќе се погледнат меѓу себе: „Добро, ама кој ќе нè лекува утре?“
И тоа не е преувеличување, ниту драматизација за потребите на некоја насловна страница, туку суров факт што секојдневно се одмотува пред очи.
Тивкото празнење на цели медицински одделенија веќе не е новина, туку рутина. Сестрите заминуваат први. Потоа младите лекари, кои едвај чекале да ја завршат специјализацијата за да си ја подигнат документацијата и да заминат во болници што нудат плати далеку поголеми од она што тука би го добиле дури и по две децении работен стаж.
Па доаѓаат и техничарите, лабораториските работници, рентген-операторите… Сите тие делови од сложениот медицински механизам што, кога недостигаат, целиот систем почнува да штрака, тука да пука, таму да запнува, додека не настане онаa непријатнa тишина кога пациентите сфаќаат дека чекалните се полни, а ординациите празни.
„Ова не е тренд, ова е одлив од кој нема брзо враќање“, велат експертите.
Според нив, уште пред десет години можело да се забележи дека медицинските факултети ја полнат Европа со кадар, а не домашните болници.
Денес, тој процес е во забрзана верзија. Млад лекар, велат познавачите, кој почнува со плата од едвај доволно за пристоен живот, едноставно нема причина да остане ако истата таа професија, само неколку стотини километри подалеку, вреди три или четири пати повеќе.
„Не можете да очекувате луѓето да останат од чист патриотизам. Тоа трае неколку месеци… после тоа реалноста ве удира“, велат аналитичарите. И колку и да звучи грубо, токму таа реченица е најискрена.
Проблемот не е само финансиски. Имаме и премор. Она тивко, наталожено заморување што се гледа во очите на секоја сестра што оди од една соба во друга со чекор што би сакале да е побрз, а телото не дозволува.
Имаме и притисок – административен, организациски, па и психолошки. Еден здравствен работник ни рече дека понекогаш работи со по 60 пациенти дневно.
„И да сакаш да помогнеш, не можеш да бидеш Супермен. А некои тоа го бараат…“, вели нашиот соговорник.
Од друга страна, властите велат дека се кројат стратегии. Дека ќе се зголемат платите, ќе се подобрат условите, ќе се вложува во опрема и кадар.
Но аналитичарите предупредуваат дека „стратегија“ е збор што одлично звучи на хартија, ама во реалноста се мери со тоа дали во ноќната смена има доволно луѓе за да покријат цел оддел.
„Ние можеме да цртаме планови колку сакаме, но светот ги привлекува нашите лекари со конкретни понуди, не со најави“, велат познавачите на здравствените политики.
Пациентите го чувствуваат тоа. Ако порано се чекаше два месеца за преглед кај специјалист, сега се чека и по половина година. Некои, кои можат, одат приватно. Други… си ги премолчуваат симптомите додека не стане доцна.
Најболното е што и младите родители веќе се навикнаа на реченицата: „Нема термин“, па бараат врски, познанства, телефонски броеви. Чекалните стануваат места каде што луѓето шепотат: „Замина и овој доктор… и оваа сестра… не знам кој ќе остане“.
Б.З.М.



