Масовното заминување од селата, тивкото празнење што трае со децении, денес изгледа како некој огромен здив што постепено се гаси.
Ако човек прошета низ некогаш живописните села, ќе го дочекаат истите тие куќи што некогаш мирисале на ручек, детска смеа и раноутринско палење оган – само што сега одѕвонува тишина.
И не онаа пријатна тишина, туку некоја чудна, што ти се залепува на грбот како студен здив.
„Селата исчезнуваат побрзо отколку што статистиката може да забележи“, велат познавачи на демографските движења.
И човек колку и да сака да ја романтизира приказната, фактите остануваат исти – остануваат празни или полупразни куќи, полиња што никој не ги ора, и улици што ги корне времето.
Во многу региони, селото е претворено во сцена што изгледа како да ја снимаат за филм: старо корито за вода, зарѓана ограда и по некој прозорец што се ниша од ветер.
Сепак, зад сето тоа стои нешто многу подлабоко – исчезнување на цели семејни традиции, прекин на навики, знаења и мали ритуали што со векови се пренесувале без посебно внимание.
„Со иселувањето се губи и оној невидлив капитал што го држеше селото живо“, истакнува еден експерт.
А тој капитал не се мери во пари, туку во искуство, во она „ќе ти покажам како се прави“, во ноќните муабети пред куќа, во едноставната, но голема умешност да се живее во природа и со природа.
Оние што денес остануваат по селата се најчесто постари луѓе. Живеат тивко, упорно, со навика да не се жалат многу. За нив, напуштените куќи не се само напуштени куќи, туку тие се сведоштва за тоа како некогаш се чекорело по истите тие камења, како се растело, како некој заминал „само за неколку месеци“ во странство и никогаш не се вратил.
Некои велат дека селата се претвориле во отворени музеи без водич. Други, пак, со некаква чудна надеж забележуваат дека одвреме-навреме се враќа по некоја фамилија, ама тоа обично трае колку едно лето и… толку. Празните сокаци повторно остануваат празни, како да ја голтнуваат секоја надеж што ќе помине низ нив.
Познавaчите предупредуваат дека ова не е само носталгиски проблем, туку економски. Празните села значат необработена земја, намален локален пазар, умирање на занаети што никаде повеќе не може да се научат.
„Државата губи нешто што не може повторно да го создаде – луѓе што знаат да произведат храна“, забележува друг аналитичар.
И навистина, кога ќе видиш дека полињата стојат запуштени, ти станува јасно дека проблемот е поголем од тоа што куќите се празни. Земјата без раце што ја работат полека се претвора во нешто бескорисно.
Од друга страна, мора да се признае: животот во селата многу години наназад беше оставен да се снаоѓа сам. Лоши патишта, речиси никакви услуги, здравство во кое најблискиот лекар е 20 километри далеку… па човек и да сака да остане, некако ја губи битката со обичната, секојдневна логистика.
„Не може селото да преживее ако мора секој ден да одиш во град за најосновни работи“, коментираат експерти за рурален развој.
И да, може некој ќе каже: па така било отсекогаш. Ама не било. Било полесно затоа што имало луѓе, имало помош, имало јаки заедници, а денес тие се распрснати низ Европа, Австралија, Америка…
Б.З.М.



