Русија ја проширува листата на непријателски земји, меѓу кои е и Македонија, а со тоа го зголемува и списокот на стоки забранети за извоз кон нашата држава и уште десетици други земји.
Руската влада додаде нови материјали за електронско-оптичка опрема на листата на стоки со двојна намена чиј извоз е забранет кон државите кои Москва ги смета за непријателски. Според објавата, целта е да се спречи овие материјали да бидат користени за потребите на украинската армија, пренесуваат руските медиуми.
Во забраната се вклучени осум хемиски соединенија и материјали: литиум ниобат, цинк телурид, гадолиниум-галиум гранат, галиум арсенид, галиум фосфид, преработени и непреработени кварцни плочи, како и полирани призми од телуриум оксид.
Како што стои во објаснувањето, овие материјали се „барани во производството на електронско-оптичка опрема за воени системи – уреди за таргетирање, опрема за ноќно гледање и други технологии што, меѓу другото, ги користат и украинските вооружени сили во зоната на конфликт“.
Повеќегодишни ограничувања
Русија ја воведе листата со ограничувања во март 2022-ра година и оттогаш повеќепати ја прошири. Забраната важи до крајот на 2027-ма година.
Во моментов, повеќе од 250 артикли се забранети за извоз – од двогледи и специјализирани делови за оптичка опрема, до хеликоптери и голем број суровини, вклучително и необработено дрво.
Кои земји се на листата?
Листата на непријателски земји на кои Русија им забранува извоз ги вклучува Македонија, САД, Украина, земјите од Европската Унија, Обединетото Кралство и неговите територии, Австралија, Албанија, Андора, Бахамите, Исланд, Канада, Лихтенштајн, Микронезија, Монако, Нов Зеланд, Норвешка, Јужна Кореја, Сан Марино, Сингапур, Тајван, Црна Гора, Швајцарија и Јапонија.



