Електричната енергија одамна не е „невидлив“ трошок што стигнува еднаш месечно и се заборава. Денешните сметки, особено во урбаните домаќинства, често изгледаат како да се напишани со некоја чудна логика – бројките растат, а навиките на граѓаните остануваат исти.
Токму затоа сè почесто се поставува прашањето: кои уреди најмногу цицаат струја, а ние дури и не сме свесни за тоа? И што можеме да направиме за да го намалиме тој товар, без да живееме во полумрак или да се грижиме дали ќе ја вклучиме машината за перење?
Експерти кои со години ги следат енергетските навики велат дека најголем „потрошувач“ во просечно семејство не се светилките, како што многумина упорно мислат, туку уредите кои создаваат топлина или ладат.
Фрижидерите, особено постарите модели, работат без прекин и играат улога на тивок потрошувач кој никогаш не оди на одмор.
„Ладилниците најчесто трошат повеќе отколку што претпоставуваме, бидејќи работат нон-стоп, а секое отворање на вратата им ја троши половина енергија“, кажуваат познавачи од енергетскиот сектор.
До нив, на листата на „најгладни“ уреди, стојат бојлерите. Тие, ако се препуштени сами на себе, знаат да топлат вода и кога никој не планира да се тушира. Во некои домаќинства се оставаат вклучени со часови, а тоа е директен пат кон сметка од која ќе ви затрепери окото.
Аналитичарите појаснуваат дека наједноставното правило – поставување тајмер или гасење на бојлерот веднаш по загревањето, може да намали и до 20 проценти од вкупниот трошок. Човек и да не верува на прва, ама бројките не лажат.
Потоа доаѓа греењето и ладењето, особено клима-уредите. Тие работат како мал персонален фабрички погон и имаат навика да ја „јадат“ сметката ако се користат без дополнителна логика.
„Многу домаќинства држат клима вклучена цел ден, без да ја прилагодат температурата. Тоа е најбрзиот начин да ја удвоите сметката“, предупредуваат енергетски советници.
Оптималната температура за зима и лето, според нив, не само што ја штеди сметката, туку го чува и здравјето, но ретко кој мисли на тоа кога е 40 степени надвор и човек едвај дише…
Меѓу „тајните“ потрошувачи спаѓаат и уредите што ги оставаме на stand-by. Телевизорот кој цела ноќ свети со црвена точка, полначите што се приклучени во штекерите со денови, рутерите што не се гасат никогаш… Секоја од тие ситници сама по себе не изгледа драматично, но кога ќе се соберат, резултатот знае да биде изненадувачки.
Еден аналитичар во разговор за нашата редакција вели дека „пасивната потрошувачка“ може да достигне и до 10 проценти од сметката, што е малку страшно ако се замисли дека станува збор за струја која ја плаќаме без да ја користиме.
Стендбај навиките се најтешки за менување. Некои луѓе велат „па што ќе направи еден полнач“, ама токму тие мали нешта прават голема разлика. Се случува дури и да размислуваме да купиме нов телевизор, а старите уреди околу нас голтаат струја како ништо да не било. Поентата е дека современи уреди со А+++ енергетска класа трошат до три пати помалку од старите модели. Таа инвестиција некогаш на прва изгледа скапа, но за неколку месеци почнува да се исплаќа сама.
Машините за перење и сушење се уште една мала „драма“ во домаќинствата. Колку пати сме пуштиле „брза“ програма за една маица или само за еден пар тренерки, а потоа се прашуваме зошто сметката е висока за две сметки?
„Најголемиот дел од енергијата отпаѓа на загревање вода. Ако ја намалите температурата од 60 на 40 степени, може да заштедите значително“, велат енергетски консултанти. И навистина – кој воопшто пере на 90 степени денес?
Иронијата е што најголемиот дел од овие совети не се ниту нови, ниту револуционерни. Тие постојат одамна, само што ретко кој ги применува навистина.
Луѓето, како што велат експертите, се навикнати на удобност. Никој не сака да шета низ станот и да гаси прекинувачи, ниту да размислува дали бојлерот е вклучен. Сите сакаме „паметни“ сметки, ама без промена на навиките… тешко оди тоа.
Сепак, фактите се јасни: со неколку едноставни потези, сметката за струја може да се намали и до 30 проценти. Гасење на уреди кога не се користат, замена на старите апарати со енергетски ефикасни, користење клима на умерена температура, бојлер со тајмер, перење на пониски температури и избегнување на ситни, бесмислени вклучувања.
Ако некој очекува волшебно решение, нема такво. Но ако човек барем еднаш се обиде да ги промени овие неколку работи, после првата сметка ќе добие чувство како: еве, можеби сепак има смисла…
И некаде таму, меѓу фрижидерот што зуи, бојлерот што тивко грее и телевизорот со црвена точка, ќе сфати дека вистинската заштеда започнува од ситните навики што ги игнорираме секој ден.
Б.З.М.



