Љубителите на кафе кои се надеваат на брзо олеснување од историски високите цени можеби ќе мора да чекаат подолго, бидејќи очекуваното намалување на цените по намалувањето на американските царини сè уште не е материјализирано, според италијанската компанија „Illycaffe“.
Производителот, познат по своето висококвалитетно еспресо, планира повторно да ги зголеми цените во јануари по две зголемувања оваа година, изјави извршната директорка Кристина Скочија во интервју цитирано од „Bloomberg“.
Цената на кафето Арабика достигна рекордно високо ниво минатиот месец кога американскиот претседател Доналд Трамп воведе царини за увоз од водечкиот извозник Бразил, што се совпадна со слабата глобална жетва. Цените малку се намалија откако претседателот го прошири даночното олеснување за да го вклучи бразилското кафе, но тие сè уште остануваат на историски високи нивоа.
„Постои ограничување колку може една компанија да поднесе цена на сурово кафе кое е толку нездраво висока. Ќе ја зголемиме цената во сите земји и сите канали“, рече Скочија, осврнувајќи се на скокот на цените на непечените зрна“, додаде таа.
Потегот на „Illycaffe“ веројатно ќе го следат и други компании во индустријата, бидејќи потрошувачките цени сè уште ги стигнуваат трошоците за суровина. Секое зголемување на цените на кафето во супермаркетите обично се одложува со месеци, а понекогаш дури и со една година, според Карлос Мера, раководител на истражувањето на земјоделскиот пазар во „Rabobank“. Тој очекува повеќе зголемувања на цените во наредните месеци.
„Illycaffe“ предвидува дека цените на непечените зрна кафе ќе се стабилизираат во втората половина од 2026-та година на нивоа далеку над просекот од изминатите пет години.
„Се надевавме на многу подраматичен пад“, рече Скочија. Таа рече дека индустријата се соочува со „многу, многу тешка“ ситуација поради постојано високите цени на непечените зрна кафе, што таа повеќе го припишува на шпекулации отколку на реални проблеми со снабдувањето.
Компанијата ја задржа својата стратегија за снабдување од Бразил во периодот кога беа на сила американските царини. Сега планира да започне партнерства во САД, кои сочинуваат 20% од нејзиниот промет.
„Illycaffe“ се обиде да го ограничи влијанието врз потрошувачите со апсорбирање на значителен дел од зголемувањето на трошоците во своите маржи, што помогна во зголемувањето на обемот на продажба. И покрај високите цени, побарувачката за кафе останува отпорна, при што компанијата очекува пазарот да продолжи да расте со едноцифрена стапка.



