Се чини дека градежните занаети тивко, но сигурно станаа едни од најплатените професии во земјава. Податоците покажуваат дека самовработените мајстори кои работат без фирма, но со полн ангажман на терен, денес заработуваат од 1.000 до 2.000 евра месечно.
Но дел од занаетите одамна ја пробија и таа граница. Водоинсталатерите, на пример, достигнуваат месечни приходи што сериозно се доближуваат до 2.500 евра, што се должи на часовна цена која во одредени случаи се движи околу 10 евра. И покрај високите примања или можеби токму поради нив, за оваа професија владее константен недостиг од кадар.
Мајсторите што ги консултиравме велат дека побарувачката е толку голема што распоредот им е пополнет со месеци однапред.
„Не можам да постигнам. Луѓе ме бараат секој ден, а реално можам да бидам само на едно место, најмногу на две во еден ден“, вели водоинсталатер со долгогодишна пракса.
Според него, цените не се „надуени“, туку едноставно пазарни: премалку луѓе ја знаат работата, а побарувачката расте.
Истото го потврдуваат и други занаетчии. Сопственик на мала градежна фирма од Скопје објаснува дека редовно одбива клиенти бидејќи нема кому да ја довери инсталацијата.
„Платите одат и над 2.000 евра, но водоинсталатери – нема. Младите мислат дека ова е ‘тешка работа’, а не сфаќаат дека секој што ќе го совлада занаетот има сигурна иднина“, вели тој.
Ситуацијата е идентична и во другите области. Обично приклучување на кујна или комплетно реновирање на купатило често се закажува неколку месеци однапред.
Граѓаните велат дека денес повеќе се бара мајстор отколку материјал.
„Чекав еден и пол месец водоинсталатер. Ми рече ‘ќе дојдам штом завршам два објекти пред вас’. И навистина дојде – ама мора да чекаш ако сакаш работа без грешка“, вели жител на Волково.
Според експертите, ваквата состојба нема да се промени скоро. Дел од мајсторите заминаа во странство, дел работат исклучиво приватно со високи цени, а дел едноставно не можат да најдат обучени помошници за да го прошират тимот.
Резултатот е јасен: водоинсталатерите станаа еден од најдефицитарните и најплатени занаети, а конкуренцијата е речиси непостоечка.
Во вакви услови, граѓаните ќе продолжат да чекаат мајстори, а мајсторите да одбиваат работа.
Пазарот на трудот остава малку простор за промена, додека професијата полека, но немилосрдно, се празни.
А додека трае тој јаз меѓу побарувачката и понудата, платите блиски до 2.500 евра нема да бидат исклучок, туку новото редовно во водоинсталатерскиот занает.
Б.З.М.



