ПочетнаТЕХНОЛОГИЈАХакерски напад кај партнер на OpenAI, откриени податоци на дел од корисниците

Хакерски напад кај партнер на OpenAI, откриени податоци на дел од корисниците

„OpenAI“ потврди дека имало безбедносен инцидент кај нивниот надворешен партнер „Mixpanel“, аналитички сервис што компанијата го користеше за следење на корисничките податоци.

Според информациите, биле откриени ограничени податоци на дел од „API“ корисниците, но од „OpenAI“ уверуваат дека нивните сопствени системи не биле компромитирани и дека чувствителните информации, како содржина на разговори, лозинки и „API“ клучеви, останале целосно заштитени.

Инцидентот започнал на 9 ноември годинава, кога „Mixpanel“ открил дека непознат напаѓач успеал да извезе пакет податоци кои содржеле кориснички информации и аналитички материјал. По откривањето, „Mixpanel“ веднаш го известил „OpenAI“ и на 25 ноември ги доставил сите засегнати податоци за детална проверка.

Од „OpenAI“ појаснуваат дека нема докази за пробив во нивните системи, ниту за откривање критични информации. Потенцијално изложените податоци се однесувале единствено на аналитички информации поврзани со платформата „platform.openai.com“. Меѓу нив се наоѓале името на „API“-сметката, е-поштата поврзана со профилот, приближната географска локација добиена од метаподатоците на прелистувачот, како и податоци за прелистувачот и оперативниот систем. Биле забележани и податоци за веб-страницата од која корисникот пристапува, како и за името на организацијата или корисничкото име.

Сѐ што може да се смета за чувствителна или критична информација, како содржината на разговори, податоци од „API“ барања и одговори, „API“ клучеви, финансиски податоци, владини документи или информации од „ChatGPT“ сметките, не било изложено.

По инцидентот, „OpenAI“ веднаш го отстранил „Mixpanel“ од своите оперативни системи и започнал детална анализа на сите доставени податоци. Компанијата веќе ги известува корисниците и организациите кои би можеле да бидат засегнати. Дополнително, воведени се построги безбедносни механизми и контроли за сите надворешни партнери со кои „OpenAI“ соработува.

Новите мерки значат трајно отстранување на „Mixpanel“ од нивната инфраструктура, значително поостри безбедносни проверки кај сите добавувачи, како и сеопфатен преглед на целиот екосистем на партнери.

Од „OpenAI“ повторуваат дека безбедноста и приватноста остануваат врвен приоритет и дека транспарентноста е суштински дел од нивната мисија, особено кога станува збор за доверливите податоци на корисниците.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП