ПочетнаЕКОНОМИЈАКако да се професионализира партизираното здравство?!

Како да се професионализира партизираното здравство?!

По најавите на министерот за здравство дека повеќе нема да се вработува кадар во здравствените установи – како што вели ако нема потреба, со своја реакција се огласи дел од лекарската фела. Нивниот став е дека партизацијата тотално го деградираше квалитетот на јавното здравство и затоа итно се потребни системски промени за коишто мора посилно да притискаат на сите засегнати страни.

Лекарите кои се незадоволни од состојбата во јавното здравство добија поддршка и од граѓанскиот сектор кој смета дека потребно укинување на дискреционото право на директорите на јавните здравствени установи при вработувањата.

Ппроф. д-р Нико Беќаровски од Универзитетската клиника за токсикологија, инаку познат гласен говорник за аномалиите во јавното здравство вели дека речиси 35 години партиско мешање при вработувањата на лекари и друг медицински персонал доведе до катастрофално влошување на квалитетот на здравствените услуги.

„Со жалење можам да кажам дека последниот фер конкурс за вработувања во јавното здравство е одржан веројатно во 1991 година, значи кога Македонија стануваше самостојна држава. Трагично е што во 2025 година во било која развиена држава да отидам, ќе најдам свои студенти кои биле меѓу најсолидните во својата генерација, а кога ќе тропнам на вратите на Клиничкиот центар во Скопје искрено ме фаќа страв на каква услуга ќе наидам, затоа што може да замислите кој сѐ се вработувал со партиски врски“, вели проф. д-р Нико Беќаровски.

„Солуција“, преку Граѓанската сила „Замисли“ и заедно со Македонското здружение на млади правници, Клубот на млади лекари и Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари бараат укинување на дискреционото право на директорите на јавните здравствени установи при вработувањата.

„За три години се сменија четири министри за здравство и со сите досега е разговарано за измени во Законот за здравствена заштита. На крајот успеавме да се избориме да бидеме вклучени во работната група за измени на регулативата. Актуелниот ресорен министер Азир Алиу и јавно во интервју ја поддржа нашата иницијатива и рече дека се подготвуваат 12 законски измени заедно со претставници на лекарски здруженија, синдикати, комори и тимови од Министерството за здравство, за да бидат синхронизирани и да не се кочат процесите во здравствениот систем“, изјави Катерина Синадиновска од „Солуција“.

Гоце Коцевски од Македонското здружение на млади правници, правен експерт на иницијативата, истакна дека Законот за здравствена заштита е тотално анахрон и дека само во здравствениот сектор сѐ уште директорот има дискреционо право на оглас да вработи кого тој ќе одбере од пријавените кандидати, а не најдобриот од ранг-листата.

„Ниту во корпоративниот сектор директорот не е секогаш последниот што одлучува кој ќе се вработува. Директорот на здравствена установа има одврзани раце кого ќе вработи и покрај мислењето од Комисијата, која самиот ја составува. Ако сака може и последниот од ранг-листата да го вработи. Ние предлагаме да одлучува не комисија составена од директорот, туку комисија составена од стручниот колегиум на здравствената установа. Со други зборови, да не ве оценува некој што не е тесно поврзан со вашата област“, изјави Коцевски.

Тој истакна и дека се задоволни од досегашната работа и дека во работната верзија на законот, меѓу другото, прифатени се нивните барања како на пример, огласот за вработување да трае 15 дена, да се објави онлајн на повеќе места, а не само во печатени медиуми, како и тоа комисијата да биде клучна која ќе ги спроведе трите фази на проверка и да го спроведува интервјуто.

Професор д-р Горан Димитров од Македонското лекарско друштво смета дека реформите мора да се туркаат во правец да им се дозволи на сите здравствени работници да може најдобро да го искористат својот потенцијал.

„Политичката волја тука е клучна. Сѐ додека директорите на клиниките се поставувани од партиите на власт, тие ќе ги слушаат нивните инструкции, а нема да бидат првенствено загрижени за напредокот и развојот на организацијата што ја предводат.“, рече Димитров.

Тој се залага и за цврста законска рамка што ќе ги регулира сите сфери од здравството, како на пример лекарските специјализации.

„Мора да се пропише институцијата која има потреба од одредени профили на лекари, таа да ги стипендира, односно спонзорира нивните специјализации“, смета Димитров.

Бојан Трајковски од Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти го истакна проблемот и на хипер-продукцијата на кадри во здравството, која нераѓа квалитет, напротив.

„Сега имаме премногу медицински и стоматолошки факултети, при што е значително спуштено нивото на тоа кој сѐ се прима како студент и кој дипломира на крајот. Не може секој и не треба секој да е лекар. Државата мора да има стратегија и за тоа колку специјализации и требаат и во кои области. Не може да специјализира кој што има желба, туку за што државата има реални потреби“, истакна Трајковски.

Тој додаде и дека оние медицински кадри што го решиле прашањето на своето вработување, а поминале низ голготата на партизацијата во здравството, не треба да молчат, вели Трајковски.

Пред неколку дена првиот човек на здравството во земјава Алиу напомена дека повеќе нема вработување и специјализација во јавното здравство по желба на подинци.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП