Еден по друг, плочкарите почнуваат тивко да ја менуваат логиката по која ја пресметуваат цената за својата работа.
Она старото правило – „квадратот е квадрат, се наплаќа исто“, веќе не важи насекаде, барем не кога станува збор за најнезгодниот дел од секој дом: тоалетот.
На терен, приказната е многу поразлична. Добар и сериозен мајстор и денес ќе ја прифати цената од околу 12 евра за квадрат ако лепи плочки во соба, тераса, салон или на скали, но кога ќе чуе дека работата е во тоалет… тука почнува друг разговор.
И цената, како што велат оние што секојдневно сечат и премеруваат, „ја прави самиот мајстор, откако ќе види што го чека“.
Во разговор со неколку искусни плочкари, сите речиси звучат исто: тоалетот е најтежок.
„Собата е рамна работа, таму одиш право, кроиш, лепиш и готово. А тоалетот… тоа е друга приказна“, вели еден познавач на занаетот.
Во тоалет, велат, има најмногу детали. Најмногу прекини. Најмногу точки каде плочката мора да се сече со милиметарска прецизност – околу сифони, носачи, кутии за водомер, цевки што некогаш стојат баш таму каде што не треба. И работата што на хартија изгледа едноставно, на лице место изгледа како лавиринт.
Еден искусен работник, кој се занимава со овој занает веќе две децении, објаснува дека токму тие микродетали ја подигаат цената.
„Не е тоа само лепење плочки. Тоа е калкулација, геометрија, нерви. Понекогаш мораш да сечеш една плочка три пати, да ја пробаш, да ја вратиш… а клиентот стои и мисли дека го правиш тоа од забава“, вели тој и додава дека секој тоалет е посебна приказна – нема стандарден модел.
Некои се со криви ѕидови, некои со нерамни подови, а некои со „изненадувања“ од старите инсталации што се покажуваат дури кога ќе се почне работа.
Експертите за градежништво со кои разговаравме велат дека оваа промена во цените не е изненадување.
„Тоалетите отсекогаш биле највредниот квадрат, само што порано мајсторите не го наплатуваа тоа. Сега конечно почнуваат да ја вреднуваат сопствената работа“, појаснува еден аналитичар.
Според него, логично е цената да не биде иста за простор кој бара пет гледања, 60 мали сечења и 10 корекции, во споредба со простор кој завршува за неколку часа.
Од друга страна, сопствениците на домови често се збунети зошто за тоалет од неколку квадратни метри треба да платат речиси колку за цела дневна соба. Но кога ќе се види процесот одблиску, звукот на машинката, прашината, мерењата по три пати, па она мало мрморење под нос кое значи дека нешто „не легнува“ како што треба, станува јасно дека во тоалетот се троши повеќе ум отколку сила. А тоа, велат мајсторите, мора да се плати.
Еден познавач ни посочи и уште нешто: „Купатилото ти е најинтимниот дел од домот. Ако таму зезнеш една плочка, секој ден ќе те потсетува на таа грешка. Клиентите бараат перфекција, а перфекцијата не е евтина“.
Во оваа негова реченица има нешто карактеристично за занаетчијата што својот труд го гледа и како личен потпис. Затоа и цената, колку и да делува непредвидлива, најчесто ја поставува откако ќе ја почувствува просторијата… ќе ја погледне накосо… ќе каже „ова е комплицирано“, па ќе ја крене цената или ќе рече „па добро, може и поевтино“, зависно од денот. Или од расположението. Или од…
Сѐ на сѐ, тенденцијата е јасна: стандардниот квадрат за соба веќе не важи за тоалет. И додека едни ќе се бунат, други ќе разберат дека мајсторите всушност ја враќаат реалната вредност на занаетот, кој, како и сè друго денес, станува поскап, понапнат и многу, многу прецизно мерен.
Б.З.М.



