Корејскиот производител „Hyundai“ официјално го претстави концепт-моделот „Crater“, само неколку дена откако ги обелодени првите дизајнерски скици. Од компанијата го опишуваат како „хардкор SUV создаден за авантура“, а премиерата се одржа на изложбата „AutoMobility“ во Лос Анџелес.
Новиот „Crater“ има впечатлив, речиси агресивен изглед со остри линии и масивни заштитни панели околу целата каросерија. Особено доминантни се огромните лакови на тркалата и темно-сребрените фелни комбинирани со 33-инчни теренски гуми.

„Hyundai“ продолжува да го користи својот препознатлив пикселен дизајн, предните тесни светла се протегаат низ целата ширина на возилото, додека задниот дел добива моно-светлосна линија и дополнително LED осветлување поставено на покривот, багажникот и страничните камери што ги заменуваат класичните ретровизори.
Концептот вклучува и серија теренски детали: дополнителни воздушни канали на браниците, контрастни куки за влечење, спојлер на задната врата, дифузер и необични рачки на вратите. Зад сопирачките дискови се забележуваат црвени сопирачки апарати, како и елементи од „off-road“ суспензијата.

Внатрешноста е исто толку необична. Наместо традиционална инструмент-табла, поставена е црно-портокалова „цевка“ која делува како централна дизајнерска оска на кабината. Прицврстена е со метални држачи и висечки ремени украсени во стилот на ликот „Crater Man“, маскотата што се појавува и на LED опремата на покривот. Инфозабавниот систем го сочинуваат четири мали, заменливи дисплеи под кои се поставени физички копчиња.
Безбедносната опрема вклучува четириточкови појаси, четири индивидуални седишта со цилиндрични потпирачи за глава, заштитен кафез и волан со ретро кружни контроли за избор на режими на возење. Самиот волан има необична, правоаголна форма.

Иако „Hyundai“ не откри многу детали за технологијата, потврди дека концептот е целосно електричен. Според шпекулациите, можно е да ја дели платформата со „Ioniq 5 XRT“ — со литиум-јонска батерија од 84 kWh и двомоторен погон со 325 ks и 605 Nm вртежен момент.
„Crater“ се очекува да послужи како база за идниот сериски SUV што би се натпреварувал со „Ford Bronco“ на американскиот пазар. Сепак, дел од елементите и технологиите, како што велат од компанијата, ќе бидат интегрирани во идните модели на брендот, дури и ако овој концепт не влезе во масовно производство.



