Отстранувањето на повеќето големи банки во Русија од „SWIFT“ системот беше една од првите мерки што ги презеде Западот како одговор на руската агресија во Украина. На почетокот, тоа беше голем шок, но сега паричните текови повторно се канализирани, изјави за „Bloomberg“ Олег Вјугин, поранешен висок функционер во Централната банка на Русија.
Постојат многу шеми, вклучително и употреба на криптовалути, поради што европските институции се обидуваат да ги ограничат празнините. Со најновиот пакет санкции, на пример, сметките на руските граѓани во „Revolut“, вклучително и оние што живеат во Европа и Швајцарија, се замрзнати. Некои платформи за криптовалути се исто така ограничени, како и електронските плаќања, со исклучок на оние со статус на постојан престој во Европа или државјанство на земја во заедницата и Швајцарија.
Како одговор на ограничувањата, Русија лансираше свои системи, на пример, картичките Мир и системот за брзо плаќање „SBP“, кој е под контрола на централната банка. Тие дозволуваат трансфери од Русија во земјите од ЗНД, односно поранешните социјалистички републики. Значи, Наталија, која има бизнис во Германија, може да префрли пари од својата руска банка во Ерменија со еден телефонски повик, а оттаму без никакви проблеми во Европа. Сепак, нејзиниот трансфер чини околу 10% од префрлениот износ.
Некои големи банки како што е Сбербанк имаат свои апликации кои овозможуваат трансфер на пари во земји кои не ги поддржуваат западните санкции, вклучувајќи ги Кина, Србија, Јужна Африка, па дури и Турција.
Сите овие трансфери од картичка на картичка и други финтех технологии се легална алтернатива на „SWIFT“, пишува „Bloomberg“. Но, дури и со појавата на новите технологии, повеќето Руси сè уште претпочитаат да патуваат во странство со готовина или, најмногу, со кредитни картички издадени од банки во странство. Плаќањата со картички се исто така предизвик за домашниот пазар по повлекувањето на главните оператори на картички – „Visa“ и „MasterCard“, како и апликациите за плаќање на „Apple“ и „Google“, но Русите обично ги користат апликациите на своите банки, плаќањата преку „QR“ кодови или други методи.
Истото важи и за бизнисите, вели Анатолиј Аксаков, поранешен шеф на парламентарниот комитет за берзи во Долниот дом на Државната Дума. Малите и средните претпријатија ги користат истите шеми за трансфер на пари. Тие користат полномошници и на тој начин ги „покриваат“ своите траги. Трошоците за трансфери беа 15% од износот пренесен во 2024-та година, кога САД се заканија дека ќе воведат секундарни санкции против компаниите што работат со руски кредитни институции. Сепак, во Белата куќа има нова администрација и трошоците се намалија на 1,5%.
Тоа е сè уште многу, но не толку многу кога на полномошникот му се верува, изјави извор за „Bloomberg“. Тој рече дека ваквите трансфери траат околу пет дена.
Кога станува збор за Кина, шемите вклучуваат и подружници на големи руски банки, на пример, ВТБ – Шангај, преку кои вршат интрабанкарски трансфери.
„Ова е адаптација на непријатната и многу нестабилна средина“, вели Антон Табах, главен економист во московскиот кредитен центар „Expert RA“.
Тој забележува дека компаниите одржуваат голем број партнери со кои вршат плаќања.
„Рускиот бизнис едноставно го следи глобалниот тренд“, коментира Анатолиј Аксаков.
Според него, традиционалните финансиски системи се стабилни, но сè повеќе нови технологии влегуваат и ја менуваат околината.



