Берзите во Европа пораснаа утрово, првенствено во технолошкиот сектор, откако инвеститорите беа охрабрени од подобрите од очекуваните квартални резултати на Nvidia.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции порасна за околу 1 процент околу 9:30 часот наутро.
Лондонскиот FTSE порасна за 0,62 проценти на 9.566 поени, франкфуртскиот DAX за 1,01 процент на 23.390 поени, а парискиот CAC за 1,12 проценти на 8.040 поени.
Технолошките акции пораснаа најмногу утрово, бидејќи пазарот реагираше позитивно на деловниот извештај на Nvidia. Најголемиот светски производител на чипови за вештачка интелигенција објави, по вчерашното затворање на Wall Street, повисоки приходи и заработка отколку што очекуваа аналитичарите.
Nvidia, исто така, објави оптимистички проценки за приходите во тековниот квартал. Тоа ги зголеми нејзините акции за околу 4 проценти во продолженото тргување.
Фјучерсите на S&P 500 и Nasdaq моментално се во пораст за повеќе од 1 процент, што укажува дека би можеле да продолжат со добивките во четврток, по малото зголемување претходниот ден.
„Пазарот се одмори малку бидејќи резултатите на Nvidia потврдија дека побарувачката за вештачка интелигенција е силна. Доколку технолошките акции се задржат на овие нивоа до затворањето во четврток, може да се каже дека корекцијата во секторот е завршена“, рече Адам Сархан, директор во 50 Park Investments во Њујорк.
Технолошките акции долго време уживаа во силни добивки поради еуфоријата околу вештачката интелигенција, но во последните недели некои инвеститори забележаа превисок раст на цените и го префрлаа капиталот во други сектори.
Тоа го остава S&P 500 околу 3 проценти под рекордно високиот максимум достигнат во октомври.
Акциите на повеќето азиски пазари исто така пораснаа. Индексот на MSCI за акции во Азиско-пацифичкиот регион, со исклучок на Јапонија, порасна за 1,2 проценти до 9:30 часот наутро, од најниското ниво во еден месец.
Цените на акциите во Хонг Конг, Индија, Австралија, Јужна Кореја и Јапонија се зголемија помеѓу 0,1 и 2,6 проценти, додека Шангај падна за околу 0,4 проценти.



