Таблата јајца што до пред една година чинеше 180 денари на велигденски попуст, денес достигна 360 денари, и тоа во најевтиниот синџир маркети, со најмалата грамажа, со оние што никој не ги зема баш со некоја радост.
Цената изгледа како да се удвоила преку ноќ, а чувството кај купувачите е дека веќе не станува збор за луксуз, туку за обично преживување.
Урда под 250 денари за килограм речиси да и не постои, кравјо сирење под 400 денари се наоѓа само ако човек „улови“ некој скриен попуст и тоа со доза неверување, додека маслото за јадење повторно се движи околу „стотка“, исто како во периодот на најголемите тензии, кога војната во Украина и сушата ги вртеше пазарите наопаку.
Народски кажано, веќе станува малку страв да влезеш во продавница, како во некој мини-психолошки тест што секогаш завршува со истото: висока сметка и горчлив вкус.
Во еден од маркетите, среде редот за млечни производи, жена во петтата деценија тивко изустува: „Па ова повеќе не е нормално…“.
Ниту провокација, ниту драматизација, туку реалност што ја делат повеќето. Купувачите велат дека денешниот пазар функционира како да е сам по себе, без логика, без мерка, без чувство дека некој навистина го следи.
Аналитичарите предупредуваат дека продолженото зголемување на цените не може да се оправда со сезонски колебања и дека дел од трговците, како што велат, „пливаат во празнината што ја остава слабиот надзор“.
Еден економски експерт објаснува дека „кога немате доследна контрола и силна конкуренција, цените се движат во насока што им одговара на оние што ги поставуваат“. Тој додава дека дел од артиклите одамна ја изгубиле врската со реалните производствени трошоци, а тоа, вели, ја прави ситуацијата уште понеизвесна.
Од друга страна, познавачите на пазарните трендови велат дека не може да се игнорира и глобалниот контекст: нестабилните берзи на храна, зголемените трошоци за енергија, па дури и транспортните бариери.
„Но тоа не објаснува сè“, велат тие. Наводно, дел од производителите го користат секое глобално случување како сигнал да ја кренат цената за уште десет, дваесет, триесет денари, без да постои реална пресметка зад таа одлука. И сето тоа се прелева кај крајниот потрошувач, оној што најмалку може да си дозволи да протестира, освен со коментар на каса или со воздивнување пред полицата.
Експертите за потрошувачки навики додаваат дека растот на цените почнува да создава нови, помалку видливи последици: луѓето се откажуваат од одредени намирници, не купуваат свежо колку што купувале, одбираат поевтини, но послаби варијанти, или едноставно се навикнуваат на помали количини.
„Тоа е тивка ерозија на квалитетот на живот“, вели еден познавач, нагласувајќи дека ваквите периоди вообичаено траат подолго отколку што јавноста очекува.
Во меѓувреме, државата се обидува да го држи пазарот под контрола со казни и инспекции, но резултатите, барем според чувството на луѓето, не се видливи.
Казните се наплатуваат, но цените сè си тераат по свое, како да не ги ни допрела реакцијата од институциите.
„Кога казната е само трошок, а профитот од зголемувањето на цените е огромен, трговецот нема мотив да се откаже“, предупредува еден економски аналитичар.
И така, пазарот продолжува да вибрира во некој чуден ритам, а купувачите… тие сè почесто ги пресметуваат деновите кога ќе влезат, а не што ќе купат.
Има луѓе што веќе си формираат нови навики – купуваат само основно, однапред подготвени да видат висока сума на крајот од фискалната сметка.
Како што кажа еден познавач додека разговаравме: „Најстрашно е што веќе никој не се чуди“.
Б.З.М.



