ПочетнаЕКОНОМИЈА„Покачувањето ќе го изедат маркетите“: што велат луѓето за новиот минималец

„Покачувањето ќе го изедат маркетите“: што велат луѓето за новиот минималец

Минималната плата ќе порасне на 423 евра и тоа, барем официјално, треба да биде чекор напред. Но кога бројката ќе се стави меѓу реалните цени, меѓу касите по маркетите, меѓу кириите што безобразно се качуваат секој месец, тогаш ова „покачување“ се претвора во нешто што повеќе личи на козметика отколку на суштинска промена.

Македонија и понатаму останува со најнискиот минималец во целиот регион, а луѓето… луѓето одамна не реагираат ниту со бес, ниту со возбуда.

Реакциите се повеќе како уморен здив, како неодредено „аха, добро“, како она тивко прифаќање на нешто што не го ни очекувале поинакво.

Кога ќе ги споредиш бројките, станува непријатно јасно зошто. Србија веќе оди преку 500 евра минималец, Црна Гора се приближува до 600, Хрватска надминува 840, Бугарија ја турка границата до околу 460, а Грција одамна игра во друга лига со повеќе од 830 евра минимална плата. Ако погледнеш подалеку, Словенија е над 1.200 евра, Португалија околу 900, Шпанија над 1.300, Ирска и Холандија преку 2.000… и човек се прашува: со што точно се споредуваме?

На една скопска автобуска станица, еден човек во работна јакна ни изјави:
„Добро е што го креваат… ама ако цените не престанат, 423 евра ќе бидат како 323 за две недели“. И замолкна. Тоа молчење, тие недоречени реченици, всушност најдобро ја покажуваат состојбата дека луѓето не очекуваат ништо, освен да биде уште поскапо.

Економските аналитичари го гледаат тоа малку пообјективно, но не и пооптимистичко.

Според нив, минималецот кај нас веќе долго заостанува зад регионот, а политичките ветувања не може да го покријат фактот дека продуктивноста стагнира, дека живеачката поскапува драматично побрзо од платите, и дека цели генерации млади луѓе ја гледаат Германија како „план Б“, а често и како „план А“.

„Не можеш да создадеш стабилна економија ако минималната плата е на половина од онаа во земјите што ги сметаш за партнерски“, вели еден економски познавач. „Ако просечната плата ти е 800 евра, а минималната 423, тоа значи дека имаш длабоко пукнат систем, не усогласен“.

Некои експерти потсетуваат дека Европската Унија веќе дискутира минималната плата во земјите членки да покрива минимум 50% од просечната заработка. Кај нас, тоа е далечна приказна. И далечината не е проблем сама по себе… проблем е што никој не гледа пат како да се стигне таму.

Меѓу луѓето владее еден многу едноставен заклучок: покачувањето ќе исчезне во цените уште пред да стигне на сметка. На пазарите веќе никој не се двоуми – доматот, компирот, маслото, лебот… сѐ расте во свој ритам, како да не постои држава, како да не постојат контроли.

„Пазарот го јаде покачувањето“, кажа една жена пред една месарница, држејќи кеса што изгледаше… премногу лесна. Од друга страна, има и страв кај работниците: дека секое зголемување на минималната плата ќе ги натера дел од работодавачите да го „компензираат“ со кратење бонуси, намалување на часови, или премолчено туркање на дел од работата во сива зона. Ова веќе се случувало.

И тука доаѓа големото неизбежно прашање. Што вреди минималец ако животот станува максималец?

Тоа прашање неодамна го кажа случаен соговорник, небаре само ја раскажувал сопствената фрустрација. И токму тоа е суштината на оваа приказна. Минималецот не е само бројка, тој е мерка за тоа колку една држава ја цени сопствената работничка класа.

А моментално, сожалува фактот дека токму тие кои најмногу работат најмалку живеат. И сето ова покачување, колку и да изгледа позитивно, не успева да ја промени таа реалност. Туку останува како фина, службена, бирократска корекција… што исчезнува во првите три сметки и во првата торба намирници.

И затоа граѓаните реагираат не со радост, туку со она, добро познато македонско „ќе видиме“. Кое, патем… ретко кога значело дека очекуваме нешто добро.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП