ПочетнаЕКОНОМИЈАНадничарите ги фати „европскиот“ бран – дневницата скокна како никогаш

Надничарите ги фати „европскиот“ бран – дневницата скокна како никогаш

Цепење дрва, копање темели, пренесување песок или камења – тоа што порано се плаќаше со 1.000 денари дневно, сега не може да се договори под 2.000 денари, и тоа со вклучен оброк.

Обичните надничари, како што народски ги нарекуваат, полека но сигурно ги зголемуваат своите барања, а причините за тоа, велат познавачите, не се само инфлацијата, туку и недостигот на луѓе што сакаат да работат физички тешка работа.

„Реално, тие луѓе не можат да живеат со 1.000 денари дневно. Сè поскапело, од леб до нафта. Затоа е логично да бараат повеќе“, објаснува еден економски аналитичар, додавајќи дека пазарот се прилагодува сам, па кога нема доволно работници, цената расте.

Во многу населени места, особено околу Скопје, станува сè потешко да се најде мајстор за еднодневна работа.

Луѓето што порано се собираа „на пазар“ секое утро и чекаа некој да ги повика за работа, сега се бројат на прсти.

„Повеќето си заминаа надвор или најдоа некаква постојана работа. Останаа само неколкумина, и тие се барани како злато“, раскажува еден од жителите на периферија од градот, кој неодамна барал помош за копање темели.

Сцената е веќе позната: луѓе со мотики и лопати стојат покрај улица, некој ќе запре со кола, ќе отвори прозорец и ќе праша „колку е денеска дневницата?“.

А одговорот, кој до вчера беше „илјадарка“, сега е краток и јасен: „два бона со јадење“.

Секако, има и такви што бараат повеќе, особено ако работата е потешка или трае подолго од осум часа. Некои работодавачи негодуваат, други велат дека е заслужено.

„Ако човек копа цел ден на сонце, не може за 1.000 денари. Треба и да јаде, и цигара да запали, и превоз да си плати. Да не зборуваме дека после два дена не може да се исправи“, вели еден сопственик на куќа кој неодамна најмил тројца за пренесување песок.

Од друга страна, економските експерти забележуваат дека ваквото поскапување на надничниот труд е дел од поширокиот тренд на раст на трошоците за живот.

„Сè што се случува во градовите се прелева и во селата. Кога лебот е 40 денари, а нафтата 100, никој нема да работи за дневница како пред пет години“, коментираат познавачите.

Интересно е што дел од надничарите сами велат дека не бараат повеќе пари „од ќеф“, туку од нужда.

„Не се живее со 1.000 денари, тоа е денес за едно јадење и цигари. А јас дома имам фамилија“, вели еден работник што секој ден бара ангажман.

Некои од нив веќе си прават и своевидни групи на клиенти – луѓе што редовно ги повикуваат кога има работа, па меѓусебно си се препорачуваат.

Се менува и перцепцијата за овој вид труд. Она што порано се сметаше за „привремено“ денес стана реален извор на егзистенција. Но, тоа носи и ризици – нема договор, нема здравствено, нема пензиско.

„Ова се луѓе што живеат од ден за ден. Затоа секој ден за нив е борба“, вели психологот Сања Љубеновиќ, укажувајќи дека оваа категорија работници често е заборавена и од институциите и од статистиките.

На крајот, бројките кажуваат доволно: од 1.000 денари вчера, на 2.000 денари денес. А утре… можеби и повеќе, затоа што животот не чека, а рацете што работат се сè помалку.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП