ПочетнаЕКОНОМИЈАПроизводи со „нов“ рок - стариот трик што никогаш не излегува од...

Производи со „нов“ рок – стариот трик што никогаш не излегува од мода

Сè почесто, зад шарените пакувања и мирисот на свежи производи, се кријат фалсификати. На прв поглед сè изгледа во ред: цената е примамлива, етикетата блеска, но… под неа се крие нешто што не треба да биде таму.

Прелепени рокови, измени на декларации, производи што одамна го поминале рокот на траење, но и двоен квалитет на брендови што се продаваат под исто име, токму овие измами, според Организацијата на потрошувачи на Македонија, стануваат сè почеста појава.

Упатените предупредуваат дека лажните декларации и променетите етикети не се само измама кон потрошувачите, туку и директен напад врз здравјето на луѓето.

„Кога ќе купите производ со поминат рок или со променета декларација, не знаете што навистина внесувате. Последиците не се само финансиски, туку и здравствени“, коментираат експертите и додаваат дека ваквите практики ја рушат довербата на пазарот и создаваат нелојална конкуренција меѓу трговците кои работат чесно и оние што ги заобиколуваат правилата.

Особено алармантен е случајот со познатите брендови, кои иако изгледаат исто насекаде, не се секогаш со ист квалитет.

„Разликата меѓу, на пример, чоколадата или кремот што се продава во земјите на Европската Унија и оној што се пласира во земјите надвор од Унијата е реална, и тоа е измама“, велат познавачите.

Во Европската Унија ваквата практика одамна предизвика лавина реакции, па затоа официјален Брисел ја смени директивата со која ваквите трговски постапки се третираат како нечесни и забранети.

По тој пример, и во Македонија се направија измени во Законот за заштита на потрошувачите.

Новата одредба што се однесува на нечесните трговски практики предвидува дека пласирањето на производ со различен квалитет под ист бренд е казниво.

Но, праксата покажува дека хартијата не е доволна ако нема контрола.

„Има закон, има казни, но ако не се вршат редовни инспекции и ако казните не се спроведуваат, сè паѓа во вода“, објаснува еден пазарен аналитичар.

Проблемот, според него, е и во тоа што голем дел од потрошувачите не ги читаат декларациите или не знаат што точно треба да бараат.

А токму таму, кај малите букви, често се крие вистината дека производот доаѓа од непознат извор, дека има заменета состојка, или дека рокот е „освежен“ со нова налепница.

Се чини дека трговците што го злоупотребуваат системот секогаш ќе најдат начин да бидат чекор напред, па единствената вистинска заштита е информираниот потрошувач. Онај што знае да препознае разлика во мирис, вкус, изглед… и не се плаши да пријави.

Законите можат да го штитат пазарот, но вистинската битка е секојдневна и почнува токму таму на рафтот во маркетот, со едноставна одлука дали ќе веруваме на налепницата или на сопствениот инстинкт.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП