Претходните препораки им советуваа на луѓето со атријална фибрилација – најчестото нарушување на срцевиот ритам што предизвикува неправилно и често брзо чукање на срцето – да избегнуваат кафе, но една нова студија доаѓа до сосема поинаков заклучок. Резултатите покажуваат дека дневната шолја кафе може да го намали ризикот од враќање на нарушувањето за дури 39 проценти. Ова го доведува во прашање долгогодишниот страв дека кофеинот предизвикува неправилни отчукувања на срцето.
Атријалната фибрилација е честа аритмија предизвикана од неправилна и брза работа на преткоморите и може да го зголеми ризикот од мозочен удар. Поради ова, пациентите честопати се прашувале како да ја намалат можноста за нејзино повторување. За прв пат, нова студија систематски го испитуваше влијанието на кафето врз оваа состојба преку рандомизирано испитување наречено DECAF, објавува EatingWell.
Во студијата учествуваа 200 луѓе со историја на атријална фибрилација или атријално треперење, кои беа поделени во две групи – едната мораше да пие барем една шолја кафе дневно, а другата целосно го избегнуваше кофеинот. По шест месеци, испитаниците кои продолжиле да пијат кафе имале значително помалку повторливи епизоди на аритмија: 47 проценти наспроти 64 проценти во групата без кофеин. Тоа претставува 39 проценти помал ризик од повторна појава на нарушувањето.
Научниците веруваат дека заштитниот ефект на кафето може да биде поврзан со блокирање на одредени рецептори кои ја поттикнуваат аритмијата, како и со антиинфламаторните својства на кафето. Студијата сугерира дека умереното консумирање кафе може да биде безбедно, па дури и корисно за многу пациенти, но нагласува дека секој пациент треба да се консултира со лекар пред да направи какви било промени во своите навики.



