Денес кога Буџетот на државата влегува во фаза на расправа во собранието со своја реакција се огласи и Институтот за економски анализи Finance Think. Според експертите од оваа институција, Предлог Буџетот се донесува во услови на интензивирана динамика на економската активност и смирувачка, но сé уште „леплива“ инфлација, на ниво кое сè уште е над тоа кое централните банки го сметаат за стабилни цени. Во таа смисла, Предлог Буџетот 2026 проектира раст на БДП за 2026 година од 3.8% и раст на трошоците за живот од 2.5%. Finance Think проценува дека двете проектирани стапки – на растот на БДП и на цените – се разумен одраз на моменталните економски движења и претставуваат солидна основа за проектирање на Буџетот.
Од Институтот велат дека проекцијата за растот на БДП особено ја поддржува интензивирањето на клучни инфраструктурни проекти, инвестицискиот циклус на локално ниво, и засилената поддршка на приватните инвестиции од унгарската кредитна линија. Сепак, проектираната стапка останува под притисок од неизвесностите во глобалното економско окружување, главно од ефектите од царинската политика на САД врз европската економија и врз синџирите на снабдување, забележува Finance Think. Дополнително нивниот став е дека проекцијата за инфлацијата е во линија со рестриктивната монетарна политика и искажаните заложби и намери за поддршка од фискалната страна.
„Сепак, „лепливоста“ на инфлацијата може да го загрози остварувањето на оваа цел, а таа главно произлегува од проинфлаторното дејство на фискалната политика преку политиките на плати и пензии, кои го зголемуваат номиналниот доход на населението. Раст на платите и пензиите кој не е сообразен со растот на додадената вредност во економијата ќе ја остави стапката на инфлација на повисоко и упорно ниво во однос на посакуваното. Врз основа на овие претпоставки за номиналниот раст на економијата, проекциите за растот на буџетските приходи и расходи изгледаат разумни“, се наведува во анализата на Finance Think.
Економистите од Институтот забележуваат дека за првпат предлог-Буџетот содржи намалување на годишната проекција за капиталните расходи за 15.1% во однос на проекцијата од минатата година, со што се напушта флоскулата „рекордни капитални расходи“, а кои никогаш не се реализираат во тој предвиден обем. И ваквата според нив позитивна промена е поздравена од страна на Finance Think.
„Нема никаква општествена корист јавниот дискурс да се интоксинира со наводно рекорден износ на капитални расходи кои потоа се кратат и не се реализираат во целост ниту сметано според скратениот износ. Сепак, и вака пореално проектираните капитални расходи се за околу 19.2% повисоки од веројатното извршување во 2025 година. Со овие проекции, буџетскиот дефицит е проектиран на ниво од 3.5% од проектираниот бруто домашен производ, што е добар знак за фискална консолидација, иако останува над фискалното правило од 3% предвидено во Законот за буџети. Генерално гледано, овој предлог Буџет прави благо, но значајно стрктурно поместување, во позитивна насока, во однос на сите Буџети од претходната деценија и повеќе“, стои во анализата на ФТ.
Од ФТ велат дека има и пореално проектирање на буџетските приходи, дефицитот и капиталните расходи што пак му даваат на предлог-Буџетот 2026 робустна и рационална компонента. Особено во однос на претходните наративи, рационализацијата на расходната страна е превидена во 5 од 8 буџетски приоритети за 2026 година. Според нив неопходни се храбри и визионерски одлуки за операционализација на овие приоритети, што ќе донесе солидна фискална консолидација и структурно порамнување со фискалните правила од Законот за буџети на среден рок.
Предлог-буџетот 2026 ја спомнува државната помош во контекст на реформа на јавните финансии и подобрување на транспарентноста, но без да понуди подетална анализа или оценка на ефектите од досегашната пракса. Во документот се наведува дека ќе се воспостави систем за управување со информации за државна помош, како дел од поширокиот проект за интегрирани финансиски информациски системи финансиран од Светска банка, додаваат од Институтот Finance Think.
Тоа што се акцентира во анализата е предлог-Буџетот за 2026 предвидува зголемување на расходите за плати во јавниот сектор на 52,6 милијарди денари, што претставува раст од околу 3 милијарди во однос на претходната година, но притоа не содржи никаква стратегија за оптимизација на јавната администрација. Иако се најавува ново вработување „во согласност со буџетските можности“, нема јасни критериуми за тоа во кои институции постои реална потреба и како овие вработувања ќе придонесат кон повисока продуктивност и подобри јавни услуги.
И.П



