Легендарниот британски производител на суперавтомобили „McLaren“ официјално потврди дека влегува во „SUV“ сегментот, чекор што долго време беше предмет на шпекулации.
Првиот „SUV“ во историјата на брендот, кој треба да ја има својата премиера во 2028-ма година, ќе претставува луксузен, хибриден модел со четири врати, а според првите реакции, ќе биде директен конкурент на „Lamborghini Urus“, „Ferrari Purosangue“ и „Aston Martin DBX“.
„McLaren“ веќе некое време тивко развива модел со „повеќе од две седишта“, а проектот конечно доби конкретна форма. Новиот „SUV“, со кодно име „P47“, ќе користи хибриден систем базиран на V8 мотор. За разлика од досегашните суперавтомобили на брендот, овој модел нема да биде изграден на монокок-шасија од јаглеродни влакна, што може да значи и пониска цена од очекуваното.
Дилери кои го виделе прототипот велат дека возилото наликува на „Porsche Cayenne Turbo GT“, но е поголемо, поагресивно и со мускулест дизајн, со 24-инчни тркала, изразен спојлер и интегрирани LED светла во каросеријата.
„SUV“ моделот ќе биде првиот што ќе го претстави новиот дизајнерски јазик на „McLaren“, со футуристички линии, спортски пропорции и луксузна внатрешност обложена со „nappa“ кожа. Кабината ќе има дигитални екрани со висока резолуција, заоблен кокпит и поставеност типична за спортски автомобил.
„Овој ‘SUV’ нема само да ја промени нашата гама, тој ќе ја промени перцепцијата за тоа што ‘McLaren’ може да понуди“, изјави извор близок до компанијата.

„McLaren“ најавува динамичен период со најмалку еден нов модел секоја година до 2028-ма година. По „SUV“ моделот, следуваат:
– „W1“ хиперавтомобил (2026) – нов флагман со екстремни перформанси;
– „788HS“ (2027) – наследник на „765LT“ во лимитирана серија;
– нов супер автомобил со благ хибриден V6 мотор (2027) со околу 800 коњски сили;
– „Grand Tourer 2+2“ кој ќе го замени актуелниот „GTS“.
Во 2028-ма година се очекува и „W1 Spider“ со троделен тврд покрив и дизајн што ќе се натпреварува со „Ferrari 849 Testarossa“.
Новото поглавје на „McLaren“ го поддржува инвестициската група „CYVN Holdings“ од Абу Даби, која неодамна го купи брендот и го спои со технолошкиот стартап „Forseven“.
Групата поседува и удел во кинескиот производител на електрични автомобили „Nio“, кој ќе го снабдува „McLaren“ со клучни компоненти за електрифицираните модели.
Дополнително, „Gordon Murray Design“ ќе соработува со „McLaren“ на развој на нова електрична архитектура.
Со ова, британскиот бренд влегува во нова ера, луксузен, моќен и електрифициран „McLaren SUV“, кој ветува да ги помести границите на автомобилската индустрија.



