Во Скопје за само пет години се затворени голем број мали продавници. Трговците масовно ги спуштаат ролетните и се префрлаат на онлајн-продажба, односно на модел кој не бара кирија, нема сметки, нема вработени, а во многу случаи и нема даноци.
Од улиците каде што некогаш се редеа луѓе пред дуќаните, денес остануваат само празни излози со натписи „се издава“.
„Онлајн-продажбата буквално ги изеде малите трговци“, вели еден долгогодишен продавач од Скопје кој по 15 години работа ја затворил својата продавница за облека. „Плаќав кирија 700 евра месечно, плус струја, плус даноци. А некој што продава на Инстаграм нема ништо од тоа. Исто продаваме, ама тој заработува, а јас тонев“.
Според податоци од Управата за јавни приходи, во последните три години бројот на регистрирани мали трговски субјекти се намалил за речиси 30%.
Во исто време, бројот на онлајн-продавници и страници на социјалните мрежи што нудат производи – од облека и парфеми до електроника и мебел – пораснал за повеќе од 200%.
Само во текот на 2024 година, македонските граѓани направиле над 13 милиони онлајн-трансакции, од кои повеќе од половина се однесуваат на купување од домашни продавачи.
„Ова е класична промена на трговскиот модел“, велат аналитичарите. „Секој што има телефон и интернет конекција може да стане трговец. Тоа го демократизира пазарот, но истовремено создава огромен сив простор во кој нема никаква контрола“.
Во коморите признаваат дека државата губи сериозни приходи. Онлајн-продажбата најчесто се одвива преку лични профили и пораки, без издадена фискална сметка и без евиденција на приходите.
„Најчесто се користат апликации за плаќање или готовина при достава, што е тешко да се следи“, објаснуваат експерти за даночна политика.
„На крај губи буџетот, а губат и оние што работат легално, затоа што не можат да се натпреваруваат со цените на неформалните продавачи“.
Ситуацијата е видлива и на терен. Цели делови од центарот на градот се со спуштени ролетни, особено продавници за облека, чевли и козметика.
Некои закупци заминале, други едноставно не можеле да издржат со трошоците.
„Еден дуќан ми стои празен веќе осум месеци. Никој не сака да земе локал, сите продаваат од дома“, вели сопственик на деловен простор во Тафталиџе.
Од друга страна, купувачите не гледаат проблем. Онлајн-продавниците им нудат поголем избор, пониски цени и достава до врата.
„Порано одев во ГТЦ, сега само скролам, а ако нешто ми се допадне веднаш пишувам порака и другиот ден ми стигнува пакет“, вели 27-годишна скопјанка.
Но зад таа удобност стои и ризик – без фискална сметка, купувачите често немаат начин да се пожалат ако производот е неоригинален или неисправен.
„Пазарот е нерегулиран, а институциите доцнат со одговор“, коментираат пазарни инспектори. „Имаме стотици пријави, но поголемиот дел се од анонимни продавачи со профили што се бришат за неколку дена“.
Економистите предупредуваат дека ако трендот продолжи, малите физички продавници ќе исчезнат речиси целосно.
„Ќе останат само големите синџири и трговски центри, а малите претприемачи ќе се префрлат во неформалната зона“, велат тие.
„Ова не е само економско прашање, туку тоа е промена во начинот на живот, во културата на купување, па дури и во општествените навики“.
И така, градот полека се менува. Местата каде што некогаш мирисаше на нови чевли или кафе пред дуќан, денес се празни.
Онлајн-продавниците растат, профилите се множат, а улиците молчат. Нема кирија, нема даноци, нема вработени, туку само еден телефон и свет што купува со еден клик.
Б.З.М.



